Мелони: Италија и ЕУ треба да ги зголемат трошоците за одбрана
- Во однос на Украина, повтори дека Рим секогаш го поддржувал Киев и дека Москва треба да покаже волја за мир. Таа подвлече дека гарантирањето безбедност не е услуга за САД, туку „услуга за нас“.
Рим, 7 мај 2025 (МИА) - Премиерката на Италија Џорџа Мелони изјави за време на парламентарната контрола во италијанскиот Сенат дека е патриот и дека Италија и ЕУ треба да ги зголемат трошоците за одбрана, пренесе АНСА.
Мелони рече дека Рим ќе ги зголеми трошоците за одбрана на 2 отсто од БДП оваа година, во согласност со целите поставени од НАТО. Според неа, Алијансата треба да посвети повеќе внимание на својот јужен фронт. Таа истакна дека Италија сега има јасна надворешна политика и дека оние кои предвидуваа изолација под раководството на десноцентристичката влада згрешиле.
Мелони нагласи колку е важно ЕУ и САД да бидат обединети и додаде дека е подготвена да го информира парламентот за тензиите меѓу Индија и Пакистан.
Во однос на Украина, повтори дека Рим секогаш го поддржувал Киев и дека Москва треба да покаже волја за мир. Таа подвлече дека гарантирањето безбедност не е услуга за САД, туку „услуга за нас“.
Мелони додаде дека Италија го поддржува планот на арапските земји за мир на Блискиот Исток и за обновување на Газа, проследено со решение со две држави.
- На Блискиот Исток продолжуваме да работиме на конечно прекинување на воените дејствија и внимателно ја следиме и поддржуваме работата на арапските земји, изјави италијанската премиерка. - Арапските земји се клучен фактор за конечното решение на конфликтот. Тие понудија изводлив план за обнова на Газа и рамка за мир и безбедност, која според нас треба да вклучува перспектива со две држави, додаде Мелони.
- Треба да направиме сè што е во наша моќ за да избегнеме трговска војна меѓу Италија и САД, изјави Мелони во врска со царините. Таа нагласи дека купувањето течен природен гас од САД „не е услуга за (Доналд) Трамп“, бидејќи Италија веќе го купувала и за време на мандатот на Џо Бајден.
Премиерката додаде дека нејзината влада ги поставила односите со Кина на „нова основа“ и најави посета на Индо-Пацифичкиот регион. ссм/
фото: архива