• недела, 09 јуни 2024

Медиуми во ЕУ: Резолуцијата за Сребреница изнудена во поделеното Генерално собрание на ОН

Медиуми во ЕУ: Резолуцијата за Сребреница изнудена во поделеното Генерално собрание на ОН

Белград, 25 мај 2024 (МИА) - Усвојувањето на резолуцијата на ОН за геноцидот на Сребреница е „дипломатско фијаско“ за Западот, тоа е „национална жешка тема и нешто најдобро што можеше да му се случи на претседателот Александар Вучиќ во овој момент“, тоа беше и „изнуден чин на поделената меѓународна заедница“, се оценки на медиумите во ЕУ, јави дописникот на МИА од Белград.

Германскиот весник „Франкфуртер Алгемајне Цајтунг“ смета дека на внатрешен план, со оглед на тоа што на 2 јуни ќе се одржат избори во Србија, на Вучиќ му одговора изгубеното гласање во ОН и гневот што го предизвика против Германија.

Францускиот весник „Монд“ оценува дека усвојувањето на резолуцијата во ГС на ОН за Меѓународниот ден на сеќавање на геноцидот во Сребреница „е изнуден чин на поделената меѓународна заедница бидејќи изгласувањето на резолуцијата била далеку од едногласна."

„Монд“ истакнува дека „досега тоа е единствената резолуција, по оние за геноцидот во Руанда во 2003 година и холокаустот во 2005 година, која не беше прифатена од мнозинството членки на ОН, иако во неа не се ни споменува одговорност на Србија“.

Парискиот весник сугерира дека тоа „претставува дополнителен симптом на владејачката поделба во Генералното собрание на ОН“ и „туркањето на страна на важноста на западниот блок повеќе не е табу во Њујорк“.

Германскиот портал „Дојче веле“ ја пренесува анализата на швајцарската радио-телевизија СРФ дека резолуцијата е донесена „по тешка борба и претставува дипломатско фијаско“.

- Усвојувањето не е со убедлив резултат. Тоа е шлаканица за Западот кој најмногу ја поддржа одлуката, објави швајцарското радио и телевизија.

СФР додава дека Вучиќ жестоко ги нападнал поддржувачите на резолуцијата, кои ги опишал како „моќни, големи, арогантни“. Тој ги праша дали резолуцијата ќе донесе помирување и веднаш одговори: „Не“, додавајќи дека „тоа носи раздор“.

- Дебатата што се одржуваше со недели пред и зад сцената на ОН беше сè само не помирлива, пишува швајцарскиот СРФ. Многу државни делегации ги обвинија иницијаторите дека не преговарале транспарентно и дека не биле доволно упорни во барањето консензус.

Во анализата се подвлекува дека моментот за гласање на резолуцијата бил „крајно несреќен“ затоа што „сега се занимаваме со геноцидот што се случил пред 29 години, додека во Газа се вршат воени злосторства“.

СРФ заклучува дека сето тоа „уште еднаш покажува колку длабоки се поделбите во ОН и колку малку воља има да во обидите да се надминат“. об/паг/ 

Остани поврзан