• вторник, 19 март 2024

МВР: ВМРО-ДПМНЕ да не шири лаги, очигледно им пречат одличните резултати на полицијата во справувањето со криминалот

МВР: ВМРО-ДПМНЕ да не шири лаги, очигледно им пречат одличните резултати на полицијата во справувањето со криминалот

Скопје, 10 јуни 2023 (МИА) - Министерството за внатрешни работи најостро ги демантира лагите пласирани од партијата ВМРО-ДПМНЕ за некакво влијание на директорот на Бирото за јавна безбедност, Сашо Тасевски во случај кога е нападнат полициски службеник, како и наводна инволвиранст на неговиот син. 

- Станува збор за класична дезинформација. Ниту имало влијание ниту некој може тоа да го направи, ниту бил инволвиран синот на директорот на БЈБ. Напротив, вистината е дека на 3 јуни околу 01.45 часот во угостителски објект во Градскиот парк во Скопје имаше уште една во низата успешни акции на полицијата. Лишени од слобода се три лица и биле  пронајдени и одземени прашкаста материја и марихуана, а лицата ќе одговараат пред законот и за напад на полициски службеник кој извршувал службени дејствија. Настанот е соодветно објавен во извадокот од дневни настани кој МВР секојдневно го објавува, се наведува во демантот на МВР. 

Од Министерството посочуваат дека продолжуваат со бескомпромисната борба против секаков вид на криминал, „што го покажуваат и статистиките за сериозно намален криминалитет поради доброто работење на полицијата“.

- И во наредниот период полицијата продолжува со иста посветеност, се во интерес на безбедноста на граѓаните, иако е очигледно дека овие добри резултати некому му пречат па мора да се служи со лаги и дезинформации, се додава во соопштението на МВР.

ВМРО-ДПМНЕ денеска преку соопштение побараа одговори од директорот на БЈБ, Сашо Тасевски со тврдење дека тој влијаел врз случај каде се тепани припадници на ЕБР и прашаа дачи „се вадени луѓе од записник заради врски со него?“.

- ВМРО-ДПМНЕ постави прашања, а директорот на БЈБ и ЈО молчат. Сашо Тасевски мора да одговори, дали едно од четворицата лица кои биле фатени и евидентирани од полицијата под сомнение дека сакале да употребат бела прашкаста материја,и притоа ја нападнале полицијата бил негов син? Сашо Тасевски мора да одговори, дали настанот кој се случил во 1 часот по полноќ, а напаѓачите биле однесени во ПС Карпош во 1.45 часот, е заведен во полициски билтен дури во 6.30 часот сабајлето, под притисок? Дали таквиот притисок или нешто друго е причина за во полицискиот билтен наместо четворица, да бидат запишани три лица? И фали четвртото лице е синот на Тасевски? Сашо Тасевски да не се крие и да даде одговори. Истовремено ЈО да не чека и да отвори истрага, се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ. сп/

Остани поврзан