• вторник, 23 јули 2024
МВР Билтен

Скопје, 20 мај 2024 (МИА) - На 19.05.2024 во 22.00 часот во Прилеп, полициски службеници од ОВР Прилеп ги лишиле од слобода Б.С.(27) и Д.Д.(22), двајцата од Прилеп. Тие биле затекнати при извршување на „тешка кражба“ од плац на правно лице од Прилеп. Притоа, тие физички нападнале полициски службеник кој не бил на работа, а го пријавил настанот. Двајцата биле задржани во полициска станица и по целосно документирање на случајот против нив ќе следува соодветна пријава.

На 19.05.2024 во 13.20 часот, полициски службеници од СВР Велес го лишиле од слобода М.И.(45) од Велес, затоа што кај него биле пронајдени и одземени кафеава грутчеста материја и бела прашкаста материја. За настанот известен е јавен обвинител од Основно јавно обвинителство Велес. По целосно расчистување на случајот ќе следува поднесок.

На 19.05.2024 во 16.30 часот на Граничниот премин Деве Баир, полициски службеници го лишиле од слобода У.Б.(52) од Република Турција, затоа што при извршена пасошка контрола било констатирано дека приложил фалсификувана меѓународна зелена карта за возилото кое го управувал. Тој бил предаден на полициски службеници од Полициската станица Крива Паланка за понатамошна постапка.

Секторот за внатрешни работи Скопје во текот на вчерашниот ден (19.05.2024) продолжи со контролите во областа на сообраќајот. На територија на град Скопје изречени се вкупно 85 мерки, меѓу кои за возење без возачка дозвола 18 санкции, 11 мерки за возење под дејство на алкохол, пет санкции за користење мобилен телефон при возење. Изречени се девет мерки за некористење сигурносен појас, три санкции за минување на затворен сигнал - црвено светло...

На 19.05.2024 околу 15.00 часот во СВР Куманово било пријавено дека на автопатот Скопје – Куманово, атар на с.Агино Село, кумановско, патничко возило „субару импреза“ со кумановски регистарски ознаки, управувано од И.А.(64) од Куманово, излетало од коловозот. Од здобиените повреди на местото на несреќата починал сопатникот Б.Н. од Куманово, а лекар од Итна медицинска помош Куманово констатирал смрт. Возачот И.А. и сопатничката Д.Н. се здобиле со телесни повреди, констатирани во Општа болница Куманово. Извршен бил увид од увидна екипа на СВР Куманово и јавен обвинител, по чија наредба телото на починатиот било предадено на обдукција.

На 19.05.2024 околу 20.10 часот во СВР Куманово било пријавено дека на крстосница од бул.„Октомвриска револуција“, ул.„Ѓорче Петров“ и ул.„Иво Лола Рибар“ во Куманово се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко возило „фолксваген голф“ со кумановски регистарски ознаки, управувано од Ч.С.(63) и мотокултиватор управуван од Ф.С.(35), двајцата од Куманово. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил Ф.С., констатирани во Општата болница во Куманово. Извршен бил увид од увидна екипа на СВР Куманово.

На 19.05.2024 во 14.50 часот во ОВР Гостивар било пријавено дека на улица „137 “ во Гостивар се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко возило „форд“, управувано од М.Н.С.(56) од Гостивар и мотоцикл „бенели“, управуван од Д.С.(37) од Гостивар, двете со гостиварски регистарски ознаки. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобиле мотоциклистот Д.С. и неговиот сопатник Б.Е.(38), констатирани во Ургентен центар во Гостивар. Увид на местото извршила увидна екипа од ОВР Гостивар.

На 19.05.2024 во 13.30 часот во СВР Скопје било пријавено дека на локалниот пат на Средно Водно во Скопје, патничко возило „хјундаи“ со скопски регистарски ознаки, управувано од Л.М.(63) од Скопје, удрило во велосипед, управуван од Б.М.(36) од Нераште. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил велосипедистот Б.М., констатирани во Градската општа болница „8 Септември“ во Скопје. Извршен бил увид од увидна екипа на СВР Скопје.

Денеска (20.05.2024) во 09.10 часот во Полициска станица Аеродром, П.М.(80) од Скопје пријавил дека на кејот на реката Вардар во Скопје бил каснат од куче скитник.

На 19.05.2024 во 19.00 часот во Полициската станица Велес, С.Т.(37) од Велес пријавила дека на улица „Благој Ѓорев“ во Велес била касната од куче скитник. дма/

Фото: МИА архива

 

Тагови

Остани поврзан