• недела, 22 декември 2024

Пандов: Затвореници излегувале и влегувале во затворот „Скопје“ кога сакале (ДПЛ)

Пандов: Затвореници излегувале и влегувале во затворот „Скопје“ кога сакале (ДПЛ)

Скопје, 22 јули 2024 (МИА) - В.д. директорот на Управата за извршување на санкции, Александар Пандов, денеска информираше дека ноќта на 19 овој месец е направен вонреден надзор во Затворот „Скопје“ и притоа е констатирано дека списокот со затвореници што го добиле од полицијата не кореспондирала со фактичката состојба која ја затекнале. 

- Целта на овој вонреден надзор беше да се провери бројната состојба, дали онаа информација дека се отсутни затвореници е точна. При вршење на надзорот по список во затворот требаа да бидат 180 затвореници, акцентот беше ставен на два дела, на полуотвореното одделение и на отвореното одделение и притоа од тие 180 затвореници, ние одевме од еден во друг дел, ќелија по ќелија, се прозиваа затворениците, 11 осудени лица не беа присутни во своите ќелии, информираше Пандов.

Како што образложи в.д. директорот, отсутните лица биле ангажирани во т.н. возен парк и перална во затворот.

- Во отвореното одделение има дел кој што го нарекуваат возен парк. Во тој возен парк по списокот требаа да бидат само три осудени лица, на лице место десет осудени лица се распоредени од кои што четири осудени лица отсуствуваа. Исто така, има еден друг дел кој го нарекуваат перална, во која по список треба да има четири осудени лица, фигурираат така на списокот четири осудени лица, формално правно треба таму да бидат девет осудени лица од кои што седум беа отсутни, пронајдовме само едно лице, едно осудено лице беше на домашно отсуство, појасни тој.

Според Пандов, тие луѓе се со намера делегирани таму, да можат кога сакаат да влегуваат и излегуваат.

Во меѓувреме, како што дополни, додека го правеле надзорот, десет од тие лица се враќале и слободно се движеле околу нив.

- Разговараа со полицајците и на мое прашање како е можно да има вакво однесување, полицајците ми одговорија дека тие немаат никаква заштита. Се случува да му се јават на директорот и да му речат „Сокол ние ти дадовме пари, овие не смеат да ни се закануваат на нас“, рече тој.

Според него, затворските полицајци изјавиле дека затворениците се преместуваат со усна наредба на директорот Филип Андов - Сокол, за кого рече дека ќе побара да биде разрешен.

- Тој директор на тие луѓе им дава алиби дека се присутни во затвор, а од друга страна, тие се надвор. Тоа значи дека во тоа време тие имаат алиби да направат какви било кривични дела, рече тој.

Пандов информираше дека откако ќе го изготват записникот ќе го достават до обвинителството, а во меѓувреме, како што посочи, го информирал и премиерот Христијан Мицкоски дека во најголем дел од затворите е слична состојбата.

- Државата треба под итно да се позанимава пред сѐ со овој директор на затвор, меѓутоа, ви ветувам дека во наредниот период ќе бидат интензивно правени проверки и на останатите затвори, да видиме каква е состојбата кај нив, рече тој.

Дополни дека седум години не бил направен вондреден надзор во овој затвор и дека во моментов двајца службеници се во затворот за да го земат материјалот од видео надзорот, а четири осуденици се во бегство.

Во врска со затворениците од Штип, помеѓу кои има осудени за „27 април“, а кои побарале да бидат пуштени поради здравствен зафат, Пандов одговори дека таквата пракса ќе ја продолжи и во иднина.

- Како в.д.директор единствено што можам е ако дојдое барање од затвореник со документација дека има акутен здравствен проблем, дека мора да изврши здравствен зафат, јас немам право да го одбијам. Факт е дека во меѓувреме, од кога ја извршувам функцијата, неколку такви барања се дојдени и потпишани од моја страна, рече тој.

Дополни дека имал дојава дека поранешната специјална обвинителка, Катица Јанева, која издржува затворска казна, не е на работното место надвор од затворот, за кое имала дозвола, и при проверка се увидело дека таа навистина не е таму. Тој рече дека Јанева има право повторно да побара да работи надвор од затворот, но не кажа дали тоа ќе биде дозволено, туку само дека може да побара.

Како што информираше, минатата недела вработени од Управата направиле контроли да видат дали и други затвореници кои имаат исто право се на работните места. За тројца, како што кажа, е утврдено дека не биле.

- Во меѓувреме имаме минатата недела две или три контроли направено на повеќе локации и во град Скопје, во Тетово и во Гостивар и притоа од десетина проверени лица се најдени уште три кои требале да бидат на одредено работно место, а не биле. И за нив исто ќе бидат одземени работните дозволи, рече в.д директорот на Управата за извршување санкции.

Најави дека проверки на затворениците кои имаат право да работат ќе се прават редовно.

За Бојан Јовановски, познат како Боки 13, рече дека од Судот добил условен прекин поради здравствени причини.

- Тој има добиено условен прекин, до кога не знам, но тоа судот му има одредено поради здравствени причини. Тоа не е прекин кој што го дава Управата, туку Судот и има овластување Судот тоа да го направи, рече Пандов. ар/ац/

Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан