• четврток, 21 ноември 2024

Судскиот совет како неосновани отфрли 27 претставки на граѓани, од поднесени вкупно 30 претставки

Судскиот совет како неосновани отфрли 27 претставки на граѓани, од поднесени вкупно 30 претставки

Скопје, 22 јули 2024 (МИА) – Судскиот совет денеска на 493. седница расправаше по вкупно 30 претставки и поплаки, поднесени од страна на граѓани и правни лица, во врска со работата на судиите, претседателите на судови и судовите, од кои 27 ги одби како неосновани, додека три претставки беа повлечени од страна на известителите.

Членот на Советот Сашко Георгиев, реферираше претставка од подносител за предмет во Основниот суд Тетово, стар 22 години, а се однесува на судијата кој постапувал по предметот. Георгиев посочи дека во претставката на подносителот се наведува дека судијата постапувал несовесно и непрофесионално со ссамоволие и ароганција.

– Подносителот во преставката наведува дека судијата кој постапувал по предметот направил груба злоупотреба на судиската функција, бидејќи по предмет постапувал нестручно, несовесно, пристрасно, непрофесионално, со самоволие и ароганција. Смета дека судијата не ги почитувал одредбите од Законот за водење на процесна постапка, одредбите од Законот за парична постапка и намерно ги прекршил одредбите од член 76, точка два, од Законот за судови. Воедно наведува дека судијата тоа го прави со умисла со единствена цел предлагачот да се спаси од направените судски трошоци за постапка која се води подолг временски период пред Основен суд Тетово, рече Георгиев.

Претходно во 2022 година, решението кое го донел судијата за предметот било укинато од страна на Апелациониот суд Гостивар, при што судијата добил конкретни напатствија за продолжување на псотапката која што ја води. 

Георгиев истакна дека е побарана изјава од судијата за причините од незадоволството на подносителот во делот на времетраењето на постапката.

– Побарана е изјава од страна на судијата кој постапува по овој предмет, од кои причини е изразено незадоволството, особено во делот на времетраењето на постапката, каде што воедно се бараше и конкретно произнесување дали се придржува во постапката судијата во дадените напатствија од страна на второстепениoт суд во Гостивар, рече Георгиев.

Како што посочи Георгиев, судијата навел дека на судењето на 19 јуни оваа година, донел решение за прекин на постапката, од причина што, вели, за судијата битно и пресудно е да се утврди претходно прашање, бидејќи „тоа прашање било битно и круцијално за утврдување на правилна фактичка состојба“.

Членот на Советот Ивица Николовски посочи дека предметот заслужува внимание и да биде проследен од страна на Советот, бидејќи се работи за предмет стар 22 години.

– Треба најпрво како граѓани, а после како судии да се прашаме, кому да се пожали странката, ако не на овој орган (Судски совет), за предмет стар 22 години. Во конкретниот случај, јас не барам одговорност ниту кај конкретниот судија, но сепак, овој предмет заслужува внимание и наше проследување. Човекот не се жали на одлука, туку на патешествија. Цели 22 години останал во суд и сега после 22 години се појавило претходно прашање, па јас ве уверувам дека за три години ќе се појави ново прашање, затоа што ќе треба некој да докажува дали има активна легитимација да биде тужител. Овде нема место за основана претставка. Ако ние збориме за ажурно судство, со вакви предмети никој нема да доживее правда, рече Николовски.

Членот известител ја повлече претставката за дополнително разгледување.

Советот на денешната седница едногласно го усвои Записникот од 488-та седница на одржана на ден 29.05.2024 година, како и со десет гласа „за“ донесе решение со кое барањето од страна на членот на Советот Александар Камбовски за надомест за одвоен живот се уважува и му се утврдува надомест за одвоен живот. На седницата со 11 гласа „за“ беше усвоен Извештајот од извршената работна посета на Основниот суд Битола. ра/нд/

Фото: МИА

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан