• петок, 17 мај 2024
МВР Билтен

Скопје, 21 март 2024 (МИА) - На 20.03.2024 во Свети Николе, полициски службеници од ОВР Свети Николе при СВР Штип го лишиле од слобода В.Б.(41) од Свети Николе. Тој се сомничи дека на 19.03.2024 во продажен објект во Свети Николе извршил кривично дело „тешка кражба“ на дрзок начин, додека на 20.03.2024 извршил кривично дело „тешка кражба“ од куќа во Свети Николе од каде одзел повеќе  предмети. Во службен разговор во полициска станица, тој ги признал делата, а поголем дел од украдените предмети биле пронајдени и вратени на оштетените. По целосно документирање на случаите, против лицето ќе бидат поднесени соодветни пријави.

На 20.03.2024 во 13.13 во СВР Штип, 90 – годишник од Кочани пријавил дека бил измамен од едно лице за сума од 14.000 денари. Според пријавеното, околу 12.40 часот во неговиот двор влегло машко лице и му понудило огревно дрво по цена од 4.000 денари за метар кубен. Како што е пријавено, откако се договориле, тој му ги дал парите, по што лицето заминало и не се вратило со дрвата, по што сфатил дека е измамен. Се преземаат мерки за расчистување на случајот. 

Секторот за внатрешни работи Тетово продолжи со акциски контроли за брзина со која се движат возилата на тетовско-гостиварското подрачје. При контролата на 20.03.2024 биле откриени и санкционирани 47 возила, односно возачи (ТЕ-31 и ГВ-16) кои ја пречекориле максимално дозволената брзина надвор од населено место. Две од возилата (ТЕ) пречекориле за над 70 километри на час, 13 (ТЕ) за над 50 километри на час и така натаму. Во акцијата санкционирани се и 37 возачи (ТЕ) кои ја пречекориле пропишаната брзина во населено место, од кои  1 (ТЕ) за повеќе од 50 километри на час. При контролата, исто така, санкционирани се и 6 други видови сообраќајни прекршоци (ТЕ-5 и ГВ-1). На сите прекршители изготвени им соодветни поднесоци со парични глоби кои за овој вид прекршок, согласно Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, се движат од 45 до 400 евра во денарска противвредност. Оние, пак, кои возеле најбргу ќе се соочат и со времено одземање на возачките дозволи од три месеци до една година. 

На 20.03.2024 на подрачјето на СВР Штип спроведена е акциска контрола на возачи кои управуваат возила со брзина поголема од пропишаната. За време на контролата биле санкционирани 24 прекршоци од кои, 16 надвор од населено место и 8 во населено место. Санкционирани биле и 21 други видови на прекршоци. 

На 20.03.2024 во 15.20 часот во Полициската станица Кичево било пријавено дека во кругот на РЕК „Осломеј“, Д.Д.(55) од Кавадарци, вработен како возач во приватна фирма од Кавадарци, паднал од товарно возило и се здобил со тешки телесни повреди констатирани во Медицински центар Кичево. Увид на местото извршила екипа на ОВР Кичево и трудов инспектор.   

Денеска (21.03.2024) во 00.40 часот во СВР Скопје, Е.К.(23) од Скопје пријавил дека околу 00.30 часот пред казино на подрачјето на Бит Пазар, по претходна расправија, бил физички нападнат од Д.Ш.. Се преземаат мерки за расчистување на случајот. 

На 20.03.2024 во 19.50 часот во СВР Скопје, 63 – годишна жена од Скопје пријавила дека на подрачјето на Центар, таа и нејзината ќерка биле физички нападнати од М.Л.(41) од Скопје. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок. 

На 20.03.2024 во 13.40 часот во СВР Скопје, С.Р.(58) од Скопје пријавил дека околу 00.10 часот на подрачјето на Бит Пазар неговиот малолетен син бил физички нападнат од неколку лица. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.  

На 20.03.2024 во 15.30 часот во СВР Скопје, Н.Ј.(46) од с.Никиштани, скопско, пријавил дека околу 11.00 часот во с.Визбегово, скопско, додека извршувал работни задачи како поштар, бил физички нападнат од Н.З.(41) и Ј.З.(30), двајцата од Скопје, на кои им доставувал пратка. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок. 

На 20.03.2024 во 10.46 часот во СВР Скопје, од Казнено – поправната установа Затвор Скопје било пријавено дека околу 08.30 часот осуденикот Н.Р. бил физички нападнат од М.Н. и Р.Н., исто така, осуденици во установата. Се преземаат мерки за расчистување на случајот. 

На 20.03.2024 во 11.45 часот во СВР Скопје, В.М.(61) од Скопје пријавила дека околу 11.30 часот во својот дом на подрачјето на општина Аеродром затекнала едно лице, кое претходно насилно влегло и без да одземе ништо ја турнал и го напуштил местото. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.  

На 20.03.2024 во 17.30 часот во СВР Тетово е пријавено дека непознати сторители на куполата од црквата „Свети Атанасиј“ во истоимениот манастирски комплекс на тетовското Кале поставиле национално знаме на Република Албанија, а на метален столб на влезот од Калето било истакнато знаме со натпис УЧК. Извршен е увид од екипа на СВР Тетово и се преземаат мерки за целосно расчистување и документирање на случајот.

На 20.03.2024 во 17.20 часот во СВР Скопје, од Итна медицинска помош било пријавено дека во двор од куќа на подрачје на Драчево починал М.Ж.(38) од Скопје. Лекар констатирал смрт без траги на насилство, а по наредба на јавен обвинител телото на починатиот било дадено на обдукција. 

На 20.03.2024 околу 21.05 часот во СВР Скопје било пријавено дека во аптека во трговски центар на подрачје на Карпош во Скопје, едно лице со закана кон вработената одзело пари од дневниот промет. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.  

СВР Скопје поднесе кривична пријава против И.А.(33) од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „убиство во обид“. На 09.05.2023, по претходна расправија, пријавениот со пиштол пукал кон А.К.(22) и му нанел прострелна рана, по што со автоматска пушка испукал уште неколку куршуми кон А.К. и негов пријател, но не ги погодил. 

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Берово поднесе кривична пријава против М.М.(58) од Велес, референт во подружница на Шумско стопанство ,,Равна река“ - , Пехчево, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“ и против Љ.П. (34) од Кочани поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „кражба“. Првопријавениот, во периодот од ноември 2022 до 19.02.2023, на второпријавениот му овозможил да изврши сеча на 135 борови стебла од шумската парцела во с.Мачево, сопственост на друго лице од селото, при што била причинета материјална штета од 122.371 денари.

СВР Битола поднесе кривична пријава против Г.Р.(21) од Битола поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори“ и „овозможување на користење на наркотична дрога“. Полициски службеници извршиле претрес во домот и помошни простории на пријавениот, при што биле пронајдени и одземени марихуана и течна кафеава материја. По прeземени мерки, исто така, било утврдено дека пријавениот овозможил на други лица да користат марихуана.

СВР Битола поднесе кривична пријава против Р.Р.(53) од Прилеп поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори“. На 12.07.2023 бил извршен претрес во домот на пријавениот, при што биле пронајдени и одземени марихуана, дробилки и дигитална вага.

СВР Битола поднесе кривична пријава против Ф.Ј.(29) од Скопје и В.Ј.(24) од Битола поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „овозможување на употреба на наркотични дроги“. Пријавените набавиле марихуана и амфетамин и овозможиле на повеќе лица, меѓу кои и малолетници, да ја користат дрогата. 

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Гостивар поднесе кривична пријава против Е.О.(27) од Гостивар поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „фалсификување исправа“. Пријавениот, во Одделот за граѓански работи во Гостивар поднел барање за промена на странска возачка дозвола со македонска возачка дозвола, за што ја  приложил возачка дозвола на негово име издадена од странската земја. Подоцна, по извршени проверки, било констатирано дека странската возачка дозвола е фалсификувана. 

СВР Битола поднесе кривична пријава против П.К.(41) од Битола поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „предизвикување општа опасност“. На 18.03.2024, пријавениот со трактор удрил во влезната врата од казино во Битола и предизвикал материјална штета. 

СВР Велес поднесе кривична пријава против Љ.З.(62) од Кавадарци поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „вршење на јавен превоз без поседување лиценца“. На 19.02.2024, пријавениот бил затекнат како управува товарно возило, сопственост на правно лице од Кавадарци, без да поседува соодветна лиценца за тоа. дма/

Фото: МИА архива

 

Тагови

Остани поврзан