• четврток, 24 април 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски

МВР Билтен

МВР Билтен

Скопје, 4 април 2025 (МИА) - СВР Куманово  поднесе кривична пријава против О.А.(45) од  Куманово поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурзори“.

Полициски службеници, по претходно добиена судска наредба, извршиле претрес во домот на пријавениот, при што бил пронајден и одземен кокаин.

СВР Скопје  поднесе кривична пријава против С.А.(18) од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурзори“.

На 27.08.2024 во Скопје, полициски службеници извршиле преглед над пријавениот, при што биле пронајдени и одземени марихуана и таблети МДМА. 

СВР Охрид поднесе кривична пријава против П.Б.(24) од Охрид поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „насилство“.

Со употреба на метален предмет, пријавениот на 30.03.2025 во Охрид физички нападнал три лица, нанесувајќи им повреди. Одредена му е мерка притвор во траење од осум дена. 

СВР Струмица поднесе кривична пријава против А.М.(41) од с.Калково, Валандовско, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „насилство“.  

На 07.03.2025 на нива во с.Јосифово, Валандовско, пријавениот по претходна расправија, физички нападнал едно лице, при што употребил метален предмет и му нанел повреда.

На 03.04.2025 во 15 часот во ПС Кочани В.М.(34) пријавил дека на 02.04.2025 во 17 часот додека расчистувал во стара куќа, сопственост на неговите родители, којашто се наоѓала веднаш до неговата во с.Нивичани, пронашол артилериска граната со калибар 75мм од Првата светска војна.

Гранатата е безбедно подигната од страна на Дирекцијата за заштита и спасување. 

На 03/04.04.2025 на различни локации во Скопје, полициски службеници од СВР Скопје ги лишиле од слобода Н.Н.(28), Д.М.(34), А.П.(23), Т.А.(23) и Ј.А.(19) сите од Скопје, затоа што кај нив била пронајдена и одземена марихуана.

По целосно документирање на случаите ќе следуваат соодветни поднесоци. 

На 03.04.2025 околу 15.50 часот во СВР Скопје било пријавено дека на локалниот пат с.Зелениково - с.Гумалево патничко возило „форд галакси“ со скопски регистарски ознаки, управувано од Ф.С.(72) од Скопје, излетало надвор од коловозот.

Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил сопатникот А.А.(68) од Скопје, а со телесни повреди се здобил возачот, констатирани во Комплексот клиники „Мајка Тереза“. Извршен бил увид од увидна екипа од СВР Скопје.

На 03.04.2025 во 22 часот во СВР Скопје било пријавено дека околу 18.15 часот на ул.„Борис Трајковски“, во близина на крстосница со ул.„Саса“ во Скопје, патничко возило удрило во пешакот С.М.(28) од с.Страхојадица, Скопско, по што возачот со возилото го напуштил местото на настанот.

Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил пешакот, констатирани во Градската општа болница „Св.Наум Охридски“. Извршен бил увид од увидна екипа од СВР Скопје и се преземаат мерки за расчистување на случајот.

На 03.04.2025 во 20.10 часот во Скопје, во кругот на Полициската станица Карпош, полициски службеници од СВР Скопје го привеле Р.Т.(45) од Скопје, затоа што агресивно се однесувал кон полициски службеник кој извршувал службени дејствија.

По документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.

На 03.04.2025 во 13.45 часот во Скопје, на подрачјето на Центар, полициски службеници од СВР Скопје го привеле С.Е.(38) од Скопје, затоа што агресивно се однесувал кон полициски службеници кои извршувале службени дејствија.

По документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.

На 03.04.2025 во 23.30 часот во СВР Скопје било пријавено дека на подрачјето на Кисела Вода, по претходно случена сообраќајна незгода, дошло до нарушување на јавниот ред и мир со физичка пресметка помеѓу Б.Б.(61) и Ш.Б.(55), двајцата од Скопје.

По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок. 

На 03.04.2025 во 18.40 часот во СВР Скопје било пријавено дека на подрачјето на Карпош, по претходно недоразбирање во сообраќајот, бил нарушен јавниот ред и мир со физичка пресметка помеѓу Б.А.(20) и Р.А.(46), од една страна, и Д.М.(34) од друга страна, сите од Скопје.

По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.  

На 03.04.2025 во 17 часот полициски службеници од ОВР Гостивар го лишиле од слобода Б.Р.(70), сопственик на угостителски објект од Гостивар.

Во содејство со инспектори од Дирекција за заштита и спасување-Скопје, била извршена контрола на противпожарните апарати во угостителски објект во Гостивар, при што било утврдено дека картонот за сервисирање не е оригинал. Б.Р. е задржан во полициска станица и против него ќе следува соодветен поднесок.

Денеска (04.04.2025) во Полициската станица Карпош, од Јавната установа за згрижување на деца било пријавено дека од установата се оддалечиле нивните штитеници К.П.(17), Х.С. (16) и А.Х. (12) кои и претходно се оддалечувале и бил враќани.

Се преземаат мерки за пронаоѓање на лицата. 

На 03.04.2025 околу 18 часот во СВР Скопје, од Казнено-поправната установа Идризово било пријавено дека околу 15.20 часот во просториите на установата, бил нарушен јавниот ред и мир со физичка пресметка помеѓу осудениците Е.Д.(30) и Н.Н.(29), двајцата од Скопје, при што Е.Д. употребил остар предмет.

Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

На 03.04.2025 во 11.28 часот во СВР Скопје, И.С.(58) од с.Бардовци, Скопско, пријавил дека околу 11.05 часот во наплатен пункт на ЕВН, на подрачјето на Ѓорче Петров, по претходно недоразбирање, бил физички нападнат од Г.Б.(56) од Скопје, вработен како обезбедување во објектот.

По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.

На 03.04.2025 во 15.44 часот во СВР Скопје било пријавено дека на подрачјето на Шуто Оризари бил нарушен јавниот ред и мир со физичка пресметка помеѓу две малолетнички од Скопје, а потоа А.Д., баба на една од малолетничките, физички ја нападнала другата малолетничка.

Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

На 03.04.2025 во 17.30 часот во СВР Скопје, било пријавено дека во дворот на основно училиште на подрачјето на Бит-пазар малолетник бил физички нападнат од група од повеќе ученици од истото училиште.

Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

На 03.04.2025 во 18.26 часот во СВР Скопје, Ф.М.(20) пријавил дека на 01.04.2025 околу 8 часот, додека се движел пеш кон својот дом, бил следен од патничко возило „ауди“, управувано од Б.М.

Откако успеал да избега, добил заканувачки пораки на мобилен телефон. Се преземаат мерки за расчистување на случајот. хс/

Фото: МИА архива 

Остани поврзан