• четврток, 16 мај 2024

МВР Билтен

МВР Билтен

Скопје, 19 јули 2023 (МИА) - Одделението за криминалистички работи Кисела Вода поднесе кривична пријава против Л.К.(64), П.М.(24), Д.П.(25), М.Ј.(26), В.Р.(24), А.Ѓ.(23), Т.Л.(23) и П.Н.(24), сите од Неготино, поради постоење основи на сомнение дека во периодот од 23 до 26.06.2023 извршиле „тешка кражба“ во фирма на подрачјето на Кисела Вода, при што одзеле компјутери, бироа и друга компјутерска и канцелариска опрема, со што се стекнале со противправна имотна од околу 950.000 денари. По преземени мерки од страна на полициски службеници од ЕВР Кисела Вода на 28.06.2023 на подрачјето на Кисела Вода, при извршен преглед во товарно возило со неготински регистарски ознаки, управувано од Л.К., украдените предмети биле пронајдени, а Л.К. бил лишен од слобода. Со него бил извршен службен разговор, а одземените предмети биле вратени на сопственикот. Од страна на полициски службеници од ОВР Неготино бил извршен разговор со останатите 7 лица кои во целост го објаснуваат начинот на кој го извршиле кривичното дело и тие се опфатени со кривичната пријава.

Единицата за економски и компјутерски криминал при СВР Скопје поднесе кривична пријава против Б.Ј.(60) од Скопје, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело  „фалсификување исправа“ по член 378 од Кривичниот законик. Пријавениот, во својство на управител и сопственик на правно лице од Скопје, во текот на декември 2022 набавил фалсификувано уверение за платени даноци и придонеси и го пуштил во правен промет преку електронскиот систем за јавни набавки во ЈЗУ Универзитетска клиника за детски болести како прилог на тендерска документација, по претходно објавена отворена постапка за доделување на договор за јавна набавка за одржување и реновирање на клиниката.

СВР Охрид поднесе кривична пријава Н.Б.(51) од охридското село Велгошти, поради постоење основано сомнение за сторено кривично дело „вршење јавен превоз без поседување лиценца“. При контрола, извршена на булеварот „Македонски просветители“ во Охрид, полициските службеници констатирале дека тој со возило „фолксваген туран“ со охридски регистарски ознаки врши јавен превоз на патници во внатрешниот сообраќај без соодветна лиценца издадена од надлежен орган.

Во текот на вчерашниот ден (18.07.2023) Министерството за внатрешни работи спроведе засилена акциска контрола на територијата на Република Северна Македонија за санкционирање на возила кои се движат со брзина поголема од дозволената, при што санкционирани се 254 возачи. Од нив 11 возила се движеле со брзина над 50 километри на час повеќе од дозволеното, а едно возило се движело со дури над 70 километри на час повеќе од дозволената брзина. Притоа, 139 возила ја пречекориле брзината во населено место, а 115 надвор од населено место.

На 18.07.2023 во 13.30 часот во ОВР Кичево, А.Б.(31) од кичевското село Грешница пријавил дека на локален пат во селото Крушино бил каснат од куче скитник.

Министерството за внатрешни работи во текот на вчерашниот ден (18.07.2023) во периодот од 10.00 до 14.00 часот на територијата на Република Северна Македонија спроведе засилена акциска контрола за санкционирање на возачите кои не ги пропуштаат пешаците на пешачки премин, односно не ги почитуваат обврските како возачи. При контролата санкционирани се 48 возачи. За време на контролата санкционирани се и 133 останати прекршоци.

На 18.07.2023 во периодот од 10.00 до 14.00 часот, полициски службеници на СВР Тетово спровеле акциска контрола на возачи и нивниот однос кон пешаците, дали и колку им даваат предност. При контролата биле откриени и санкционирани вкупно 18 прекршоци (ТЕ-14 и ГВ-4). Најголемиот број од прекршоците се однесувале на не пропуштање на обележани пешачки премини, а санкционирани се и 4 други видови сообраќајни прекршоци (ТЕ-3 и ГВ-1). На возачите-прекршители изготвени им се законски предвидените поднесоци и тие ќе се соочат со парични глоби кои се движат од 200 до 250 евра во денарска противвредност, а оние кои го загрозиле поминувањето на пешаците и со мерка времено одземање на возачките дозволи од три месеци до една година.

На 18.07.2023 во 16.00 часот во СВР Тетово било пријавено дека на локалниот пат с.Челопек кон с.Милетино се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко возило „фолксваген голф“, управувано од А.Т.(26) од с.Милетино, тетовско и патничко возило „бмв“, управувано од малолетник од с.Челопек, двете со тетовски регистарски ознаки. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобиле двајца сопатници од возилото „фолксваген голф“, С.Т.(46) и М.Б.(27) од с.Милетино, а двајцата возачи се здобиле со телесни повреди, констатирани во Клиничката болница Тетово. Извршен бил увид од увидна екипа од СВР Тетово.

На 18.07.2023 во 02.30 часот на магистралниот пат Велес-Штип, полициски службеници од Полициската станица Свети Николе запреле товарно возило „фолксваген“ со скопски регистарски ознаки, при што возачот го напуштил местото, а при контрола се пронајдени 18 лица мигранти, од кои 17 од Пакистан и 1 од Индија. Лицата - мигранти биле сместени во Прифатно-транзитниот центар во Гевгелија. Увид на местото извршиле инспектори од Регионалниот центар за гранични работи Исток во содејство со увидна екипа од ОВР Свети Николе. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

СВР Охрид поднесе кривична пријава против Ј.Ѓ.(38) од Охрид, поради постоење основано сомнение за сторено кривично дело „недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи“. При претрес во неговиот дом, извршен со судска наредба, полициски службеници пронашле и одзеле повеќе куршуми кои нелегално ги поседувал.

На 18.07.2023 во СВР Битола било пријавено дека во Клиничка болница Битола со повреди бил донесен Н.Т.(62) од Битола. Според пријавеното, тој се здобил со повредите при извршување на работни задачи во градежна фирма. За настанот биле запознаени трудов инспектор и јавен обвинител, а увид извршила увидна екипа на СВР Битола.

На 18.07.2023 во СВР Тетово, 52–годишниот тетовец Н.Б. пријавил дека на улица „Иво Лола Рибар“ во Тетово бил каснат од куче скитник.

На 18.07.2023 во 12.45 часот во СВР Скопје било пријавено дека на ул.„Благоја Стефковски“ во Скопје настанал пожар во комбе со скопски регистарски ознаки, управувано од З.Т.(62) од Скопје. Според пријавеното, пожарот настанал откако пукнала запалка оставена на совозачкото седиште, при што со повреди се здобил возачот З.Т.. Од пожарот бил зафатен и дел од помошен објект на улицата, сопственост на Т.Т.(49), како и патничко возило „тојота аурис“ со скопски регистарски ознаки, сопственост на Б.Т од Скопје. Пожарот бил изгаснат од екипа на Бригадата за противпожарна заштита Скопје. Увид бил извршен.

На 19.07.2023 во 00.20 часот, Е.Д.(43) од Кичево во полициска станица пријавил дека на улицата „Левче Стефаноски Тарзан“ во Кичево неговиот малолетен син бил каснат од куче скитник.

Денеска (19.07.2023) во 09.30 часот кај место викано „Сланиште“ во с.Табановце, полициски службеници од Полициската станица за граничен надзор Сопот пронашле група од 41 лице мигранти, од кои 40 од Сирија и 1 од Јемен, меѓу кои девет малолетници, сите без документи за идентификација. Мигрантите биле сместени во Прифатно-транзитниот центар Табановце и се преземаат мерки за расчистување на случајот.

На 18.07.2023 во 13.50 часот во СВР Тетово, 35-годишниот Г.К. од Скопје пријавил дека во населбата „Крстови 2“ бил каснат од куче скитник.

На 18.07.2023 во 12.00 часот Д.Д.(49) од Скопје пријавил дека на 17.07.2023 околу 22.00 часот на подрачјето на Центар неговата малолетна ќерка била физички нападната од друга малолетничка. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

На 17.07.2023 во 19.25 часот С.К.(60) од Скопје пријавил дека во надворешни простории на магацин од фирма на подрачјето на Чаир бил нападнат со тврди предмети од две лица кои претходно одзеле техничка опрема. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

СВР Тетово поднесе кривична пријава против С.М.(30) од с.Горно Палчиште, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „насилство“. На 25.05.2023 додека Ш.Л. од Косово бил на ул. „Штипска” во близина на „Женски пазар”, каде продавал призводи, по  вербална расправија поради меѓусебни недоразбирања со пријавениот, бил и физички  нападнат од него.

На 18.07.2023 во 13.00 часот А.Т.(46) пријавила дека на подрачјето на Гази Баба била физички нападната од страна на нејзиниот сосед Ч.П.(72), двајцата од Скопје. По целосно документирање на случајот ќе следи соодветен поднесок.

СВР Тетово поднесе кривична пријава против Ј.Ф.(46) од с.Желино, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „предизвикување општа опасност“. На 07.06.2023 на ул.„Видое Смилески Бато“, поради недоразбирање околу сообраќајот, тој со своето патничко возило „фиат пунто“ неколку пати удрил во возилото „опел астра“, во кое бил 46-годишник со неговото семејство.

На 18.07.2023 во 12.40 часот било пријавено дека на подрачјето на Гази Баба, по претходна расправија, бил нарушен јавниот ред и мир со физичка пресметка помеѓу Ч.П.(72) и И.Т.(20), двајцата од Скопје. По целосно документирање на случајот ќе следи соодветен поднесок.

На 18.07.2023 во 14.55 часот било пријавено дека во с.Долна Матка, скопско, С.С.(20) и неговата мајка 55-годишна мајка, двајцата од Скопје, по претходна вербална расправија околу паркинг простор, биле физички нападнати од две лица. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

 

Остани поврзан