• четврток, 25 јули 2024

МВР Билтен

МВР Билтен

Скопје, 23 ноември 2023 (МИА) - Полициски службеници на СВР Тетово, со судска наредба, вчера (22.11.2023) извршиле претрес во домот и помошни простории на 47-годишниот тетовец А.Е., кој се барал за издржување на затворска казна.  

При претресот, во просториите кои ги користел А.Е., а кој во моментот бил отсутен, пронајден е и од неговата 38-годишна сопруга одземен е хероин, како и предмети со остатоци од хероин. Од МВР денеска соопштија дека по комплетно документирање на случајот против А.Е. ќе следува соодветен поднесок по член 215 од Кривичниот законик.

На 22.11.2023 година во 21.25 часот во Струмица, полициски службеници од Секторот за внатрешни работи Струмица го лишиле од слобода Н.Ш.(23) од Струмица. При преглед на патничко возило „фиат“ со струмички регистарски ознаки, кое го управувал, била пронајдена и одземена марихуана. За настанот бил запознаен Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Струмица и по документирање на случајот против Н.Ш. ќе биде поднесена соодветна пријава.

На 23.11.2023 околу 02.10 часот на улица „Киро Ристевски-Дрнц“ во Тетово, полициски службеници на СВР Тетово го привеле 31-годишниот тетовец Ш.Р.. При негов и преглед на патничко возило „рено“ со албански национални ознаки, во кое се превезувал со уште три лица, кај него била пронајдена марихуана. Се расчистува случајот и против него ќе следува законски предвидениот поднесок.

На 22.11.2023 во 15.10 часот на подрачје на Сарај, полициски службеници од Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје го лишиле од слобода К.С.(51) од с.Љубин, скопско, затоа што кај него била пронајдена и одземена марихуана. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.

На 22.11.2023 во 18.20 часот на улица „Методија Стефаноски“ во Кичево, полициски службеници од ОВР Кичево го лишиле од слобода С.Н.(35) од Кичево, затоа што кај него била  пронајдена и одземена марихуана. По целосно документирање на случајот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

На 22.11.2023 во 17.30 часот на Граничен премин Табановце, полициски службеници го лишиле од слобода Н.К.(29) од Република Косово, затоа што при извршен преглед било констатирано дека на увид приложил патна исправа на име на друго  лице. Н.К. е предаден на полициски службеници од СВР Куманово за понатамошна постапка.

На 21.11.2023 во 16.40 часот во СВР Тетово е пријавено дека во близина на фудбалскиот стадион во гостиварска Горна Бањица е пронајдена рачна бомба од италијанско производство, која потекнува од Втората светска војна. Бомбата била подигната од претставник на Дирекцијата за заштита и спасување.

Во текот на вчерашниот ден (22.11.2023) Министерството за внатрешни работи спроведе засилена акциска контрола на територијата на Република Северна Македонија за санкционирање на возила кои се движат со брзина поголема од дозволената, при што санкционирани се 144 возачи. Од нив, четири возила се движеле со брзина над 50 километри на час повеќе од дозволеното. Притоа, 78 возила ја пречекориле брзината во населено место, а 66 надвор од населено место.

Секторот за внатрешни работи Скопје во текот на вчерашниот ден (22.11.2023) продолжи со контролите во областа на сообраќајот. На територија на град Скопје изречени се вкупно 99 мерки, меѓу кои за возење повеќе од дозволената брзина 17 санкции, пет мерки за минување на затворен сигнал (црвено светло)...

На 21.11.2023 во ОВР Прилеп било пријавено дека во 13.30 часот на крстосница од ул.„Тризла“, ул.„Горан Миноски“ и ул.„11 Октомври“ се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко возило „фиат“, управувано од Ж.П.(61) од с.Воѓани, прилепско и патничко возило „опел“, управувано од Е.И.(33) од Прилеп, двете со прилепски регистарски ознаки. Во несреќата В.Ш.(24) од Прилеп, сопатник во возилото „опел“ се здобил со тешки телесни повреди, констатирани во Општа болница Прилеп. Увид на местото бил извршен од екипа од ОВР Прилеп.

На 22.11.2023 во 12.50 часот во Полициската станица Бит Пазар, Л.Х.Р. (54) од Скопје пријавила дека на ул.„Втора македонска бригада“ нејзината малолетна ќерка била касната од куче скитник.  

На 22.11.2023 во 13.50 часот во СВР Битола, Е.К.(67) од Битола пријавил дека во Градскиот парк бил каснат од куче скитник.

На 22.11.2023 во 11.50 часот во Полициската станица Струмица, Е.А.(68) од село Радичево, струмичко, пријавила дека во село Радичево била касната од куче скитник. цр/

Фото:МИА архива

 

Остани поврзан