• сабота, 28 септември 2024

МВР Билтен (ДПЛ)

МВР Билтен (ДПЛ)

Скопје, 27 септември 2024 (МИА) - СВР Велес поднесе кривична пријава против В.С.(42) од Гостивар и правно лице од с.Долна Бањица, гостиварско, поради постоење основи на сомнение за сторено  кривично дело „вршење на јавен превоз без поседување лиценца“. На 04.09.2024, полициски службеници извршиле контрола на товарно возило „ман“, управувано од првопријавениот, а сопственост  на пријавеното правно лице, при што било констатирано дека вршел јавен превоз без да поседува лиценца.

Регионален центар за Гранични работи Исток поднесе кривична пријави против К.Ф.(27) од Република Турција поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „фалсификување исправа“. На 24.09.2024 на Граничниот премин Деве Баир, пријавениот приложил фалсификувана меѓународна зелена карта за осигурување од автоодговорност за товарното возило кое го управувал.

Регионален центар за Гранични работи Исток поднесе кривична пријава против К.М.(35) од Косово поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „фалсификување исправа“. На 24.09.2024 на Граничниот премин Деве Баир, пријавениот на увид приложил фалсификувана косовска возачка дозвола.

СВР Охрид поднесе кривична пријава против Љ.Т.(67) од Охрид поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „узурпација на недвижности“. Пријавениот, во својство на инвеститор на катастарска парцела во државна сопственост во Љубаништа, изградил метална ограда без да поседува решение за градење.

СВР Охрид поднесе кривична пријава против Н.П.(57), Р.П.(35), И.П(34) и А.П.(31), сите од Охрид, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „узурпација на недвижности“. На државен имот во с.Трпејца, охридско, каде сопственици се пријавените, бил пробиен пат со помош на механизација, при што била уништена вегетација спротивно на условите на Јавната установа – Национален парк „Галичица“.      

На 27.09.2024 во 01.00 часот полициски службеници од СВР Куманово го лишиле од слобода А.А.(29) од село Лопате, кумановско поради сомнение дека вчера од деловен објект во село Костурник, кумановско, одзел повеќе предмети. А.А. бил приведен во полициска станица и по целосно документирање на случајот против него ќе следува соодветна пријава.

На 26.09.2024 во 19.00 часот во Дебар, полициски службеници од ОВР Дебар ги лишиле од слобода А.Ц.(19) и Ј.К.(19), двајцата од Дебар. При преглед во патничко возило „пежо“ со дебарски регистарски ознаки, во кое се превезувале, извршен на пресекот на улиците „Јусуф Грвала“ и „Мојси Големи“ во Дебар, полициските службеници пронајдоа и одзедоа кеса со марихуана. Исто така, при преглед кај А.Ц., пронајдено и одземено е пакување со марихуана. По целосно документирање на настанот, против нив ќе биде поднесена соодветна пријава.

На 26.09.2024 во Полициска станица Свети Николе, О.С. од Свети Николе пријавил дека околу 16.30 часот, додека со трактор ја орал нивата во атар на с.Црнилиште, пронашол корозирана минофрлачка граната од Втората светска војна. Од страна на Дирекцијата за заштита и спасување гранатата е безбедно подигната.

На 26.09.2024 во 23.40 часот на улица „Илинденска“ во Тетово, полициски службеници од СВР Тетово го лишиле од слобода Љ.Ј.(28) од Тетово. Околу 22.00 часот, тој бил пријавен од малолетник од Тетово дека го нападнал со остар предмет и му нанел тешка телесна повреда. Тој е задржан во полициска станица и по документирање на случајот против него ќе следува соодветен поднесок.

На 26.09.2024 во 10.00 часот, полициски службеници од Полициската станица Кисела Вода извршиле службен разговор со В.К.(38) од Скопје, постапувајќи по претходна пријава дека на 21.09.2024 во викенд куќа на подрачјето на општина Петровец физички ја нападнал својата 30-годишна сопруга, а потоа со тврд предмет го оштетил нивното патничко возило. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.

На 26.09.2024 во СВР Скопје било пријавено дека околу 19.20 часот на ул.„Скупи“ во Скопје, И.С.(49) од Волково, скопско, М.П.(52) од Скопје и Г.М.(56) од Скопје, тројцата комунални редари во Град Скопје, биле физички нападнати од повеќе лица, кои употребиле метални предмети, при што оштетиле и едно возило на Град Скопје. Се преземаат мерки за расчистување на настанот.

На 26.09.2024 во 19.50 часот во СВР Скопје било пријавено дека во Комплексот клиники „Мајка Тереза“ во Скопје починал М.Д.(47) од Куманово. Имено, на 22.09.2024 пред стадионот на ФК „Башкими“ на ул.„Братство Единство“ во Куманово, М.Д. паднал и со главата удрил во земјената површина, по што неговиот брат и полициски службеници го пренеле во болницата во Куманово за укажување помош. Откако му била укажана помош, М.Д. бил приведен затоа што за него имало судска наредба за приведување, по што бил препратен во Комплексот клиники во Скопје. По наредба на јавен обвинител од ОЈО Куманово, телото на починатиот било дадено на обдукција.

Денеска (27.09.2024) во 04.55 часот во СВР Скопје било пријавено дека на ул.„Карпошево востание“ во Скопје настанал пожар во паркирано патничко возило „тојота корола“ со скопски регистарски ознаки, сопственост на Д.А.(42) од Скопје. Од екипа на Бригадата за противпожарна заштита Скопје пожарот бил изгаснат, а повредени лица нема. Извршен бил увид од увидна екипа од СВР Скопје.

На 26.09.2024 во 15.20 часот во СВР Штип, Л.Р.(48) од Штип пријавил дека околу 13.30 часот на работното место во кругот на приватна фабрика во Штип бил физички нападнат од З.С.(41) од Штип. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.

На 26.09.2024 во 21.30 часот во СВР Скопје, М.А.(43) од с.Стајковци, скопско, пријавила дека околу 21.00 часот на подрачјето на Гази Баба била физички нападната од нејзиниот сосед Љ.С.. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.

На 26.09.2024 во 17.45 часот во СВР Скопје, Б.Т.(41) од Скопје пријавил дека на 22.09.2024 околу 03.15 часот во куќа на подрачјето на општина Аеродром во Скопје бил физички нападнат од три лица кои ги познавал и кои притоа му одзеле пари. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.

На 26.09.2024 во 19.00 часот, полициски службеници од СВР Скопје ги привеле Н.Ц.(50) и С.М.(49) затоа што на подрачјето на општина Аеродром го нарушиле јавниот ред и мир со агресивно однесување кон полициски службеници кои извршувале службени дејствија и затоа што претходно С.М. физички и со дрвен предмет ја нападнала соседката С.Х.(37). По целосно документирање на случајот ќе следуваат соодветни поднесоци.  

СВР Скопје поднесе кривична пријава против И.С.(37) од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „разбојништво“. На 30.05.2024 во сендвичара во Скопје, пријавениот со закана со остар предмет кон вработените одзел пари од дневниот промет.

Надворешна канцеларија за криминалистички работи Крива Паланка, поднесе кривична пријава против Н.А.(46) од Крива Паланка поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „телесна повреда“ во врска со семејно насилство. На 17.09.2024 во семејна куќа во Крива Паланка, пријавениот физички ја нападнал неговата ќерка. ра/

Фото: МИА архиав

 

Остани поврзан