• среда, 24 април 2024

МВР Билтен (ДПЛ)

МВР Билтен (ДПЛ)

Скопје, 28 март 2024 (МИА) - Единицата за економски и компјутерски криминал при СВР Скопје поднесе кривична пријава против А.Р. (62) од Скопје и против правно лице од Скопје за сторено кривично дело  „узурпација на недвижности“ од чл.225 од КЗ на РСМ, затоа што А.Р. како сопственик и управител на второпријавеното правно лице, подолг временски период противправно завладеал имот сопственост на државата и го ставил во владение на своето правно лице, соопшти денеска МВР.

А.Р. имотот кој се наоѓа веднаш до цветниот пазар позади  поликлиниката Бит Пазар во Скопје, кој претставува  градежно неизградено земјиште  во општа употреба во сопственост на државата,   противзаконски  го оградил со наплатна рампа и куќарка за наплата на влез- излез на  предметното земјиште, каде што за секој влез- излез наплаќал соодветен паричен надомест и на тој начин го оневозможил слободното движење и користење на предметниот простор од страна на граѓаните и институциите на РСМ.

СВР Охрид поднесе кривична пријава против К.Р.(61) од Битола поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „неизвршување судска одлука“ и „самовластие“. Тој, свесно и спротивно на судска пресуда, ставил под хипотека недвижен имот во Охрид сопственост на друго лице и на тој начин се стекнал со противправна имотна корист од 352.000 денари.  

На 27.03.2024 на подрачјето на СВР Штип спроведена е акциска контрола за санкционирање на возачи кои управуваат возила со брзина поголема од пропишаната. За време на контролата биле санкционирани 17 прекршоци од кои, 8 надвор од населено место и 9 во населено место. Санкционирани биле и 47 други видови на прекршоци.

На 27.03.2024 од 08.00 до 12.00 часот, полициски службеници на СВР Тетово спровеле акциска контрола на возилата кои вршат јавен превоз на патници. Притоа, откриени и санкционирани се 8 (ТЕ) технички неисправни возила, од кои 7 имале неисправни сопирачки, а 1 неисправни други уреди. Сите неисправни возила веднаш се исклучени од сообраќај и изготвени им се предвидените поднесоци со парични глоби од 400 евра во денарска противвредност. При контролата, исто така, санкционирани се и 6 други видови сообраќајни прекршоци (ТЕ-2 и ГВ-4).

На 27.03.2024 на подрачјето на СВР Охрид извршена е контрола на возилата кои вршат јавен превоз на патници – автобуси и такси возила. Притоа, контролирани се вкупно 101 возило  (Охрид-68, Струга-11, Кичево-15, Дебар-07), од кои кај едно возило во Охрид и едно во Струга, констатирана е техничка неисправност на системот за сопирање.

На 27.03.2024 во Куманово, полициски службеници од СВР Куманово го лишиле од слобода С.Д. (27) од Куманово затоа што на бензинска пумпа на улицата „Доне Божинов“ во Куманово се однесувал агресивно и оштетил дел од инвентарот. С.Д. бил приведен во полициска станица и по целосно документирање на случајот против него ќе следува соодветен поднесок.

На 27.03.2024 во 17.00 часот во СВР Скопје, од Градската општа болница „Св.Наум Охридски“ било пријавено дека кај нив со повреди бил донесен Е.Л.(19) од Скопје. Според пријавеното, тој се здобил со повредите при извршување на работни задачи во фирма на подрачјето на с.Петровец, скопско. За настанот бил известен трудов инспектор.  

На 27.03.2024 во 18.04 часот во СВР Скопје било пријавено дека околу 16.00 часот на подрачјето на општина Аеродром, по претходна расправија за паркинг, настанала физичка пресметка помеѓу И.С.(31) и М.Љ.(60), двајцата од Скопје, при што М.Љ. употребил и метален предмет. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветна пријава.

Денеска (28.03.2024) во 03.00 часот во СВР Скопје, М.М.(49) од Скопје пријавил дека околу 01.30 часот на подрачјето на Центар бил физички нападнат од едно лице. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

На 27.03.2024 во 22.40 часот во СВР Скопје, В.И.(29) од с.Булачани, скопско, пријавил дека околу 17.30 часот во селото, неговиот малолетен син бил физички нападнат од неколку негови соученици. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

На 27.03.2024 во 15.30 часот во СВР Скопје, 34 - годишна жена пријавила дека во домот на подрачјето на Ѓорче Петров била физички нападната од нејзиниот сопруг М.П.(28) од Скопје. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

Денеска (28.03.2024) во 00.10 часот во СВР Скопје, од Градската општа болница „8 Септември“ било пријавено дека кај нив за укажување лекарска помош дошла 71 – годишна жена од Скопје. Според пријавеното, таа се здобила со повреди на 27.03.2024 околу 20.30 часот при физички напад од лицата Ф.Г. и М.Н.. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

На 27.03.2024 во 14.05 часот во ОВР Крива Паланка, С.М.(36) од Крива Паланка пријавил  дека пред јавно претпријатие во Крива Паланка, вработен во јавното претпријатие агресивно се однесувал кон него и се обидел физички да го нападне. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

На 27.03.2024 во 16.25 часот во СВР Скопје било пријавено дека во с.Идризово, скопско, настанал пожар во куќа сопственост на Б.С.(27) од селото. Пожарот бил изгаснат од екипа на Бригадата за противпожарна заштита Скопје, а повредени лица нема. Увид бил извршен.

На 27.03.2024 околу 17.00 часот во СВР Скопје било пријавено дека на ул.„Виа Игнатија“ настанал пожар во стан сопственост на С.С.(38) од Скопје. Повредени лица нема, а пожарот бил изгаснат од екипа на Бригадата за противпожарна заштита Скопје. Увид бил извршен.

На 27.03.2024 во СВР Скопје било пријавено дека околу 09.30 часот во здравствена установа на подрачјето на Карпош во Скопје, по претходни недоразбирања, настанала физичка пресметка помеѓу Р.М.(43) и В.Р., од Скопје, двајцата вработени во установата. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.  

На 27.03.2024 во 17.35 часот, Р.Ф.(28) од Кичево во полициска станица пријавила дека на улицата „Партизански одреди“ во Кичево, нејзиниот малолетен син бил каснат од куче скитник.

Денеска (28.03.2024) во 09.30 часот во СВР Скопје, Р.Г.(41) од Скопје пријавил дека на ул.„Павел Шатев“ во Скопје бил каснат од куче скитник.

СВР Тетово поднесе кривична пријава против Л.А.Т. (18) од Тетово поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „тешка кражба“ во обид, „одземање на моторно возило“ и „кражба“. На 03.02.2024, пријавениот со погоден предмет се обидел да влезе во куќа во Тетово, но бил затекнат од сопственикот. На 10.02.2024 во двор од куќа одзел патничко возило „цитроен“, а во текот на истиот ден од плац на лице од Тетово одзел мотоцикл „јамаха“, кој го оставил во с.Долно Седларце, тетовско, заедно со патничкото возило, откако направил сообраќајна незгода.

СВР Куманово - Отсек за економски криминал поднесе кривична пријава против M.K. (39) поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело  „злоупотреба на службена положба и овластување“ по член 353 од Кривичниот законик. Пријавената, нотар именуван на подрачје на Кратово, заверила договор за купопродажба на воздушна пушка на лице кое не поседува дозвола за поседување на тој тип на оружје и на тој начин постапила спротивно од член 35 од Законот за оружје, според кој е утврдено дека оружје може да се продаде на лице кое поседува одобрение за набавување на оружје, како и од став 2 на овој член дека заверка ја заверува нотар со кое покрај други податоци треба да се внесат и податоците на одобрението, односно дозвола издадена од МВР.

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Струга поднесе кривична пријава против Б.Ш.(49) од Струга поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „телесна повреда“ во врска со семејно насилство. На 20.03.2024 во семејниот дом во струшко село, по претходна расправија, пријавениот физички ја нападнал својата 52-годишна сопруга.  

СВР Велес поднесе кривична пријава против А.М.(39) од Велес поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори“. На 23.03.2024, полициски службеници извршиле претрес во домот на пријавениот, при што пронашле и одзеле хероин.

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Делчево поднесе кривична пријава против В.М.(26) од Македонска Каменица поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги  психотропни супстанци и прекурзори“. На 05.03.2024 во атар на с.Луковица, општина Македонска Каменица, пријавениот на друго лице му продал кокаин и марихуана.

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Берово поднесе две кривични пријави против Н.Ф.(38) и С.Ф.(34), двајцата од Пехчево и В.Т.(54) од Кочани поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „вонбрачен живот со дете“. Пријавените, во период од втората половина на 2023 до 22.02.2024 им овозможиле на нивните малолетни деца, кои се во љубовна врска, да живеат вонбрачно.

СВР Битола поднесе кривични пријави против В.Ј.(41), П.Т.(41), Р.С.(72), С.В.(61) и Ц.Д.(67), сите од Битола, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „вршење јавен превоз без поседување на лиценца“. На 23.12.2023 на повеќе локации во Битола, пријавените биле затекнати како вршат такси превоз на патници без да поседуваат соодветна лиценца. цр/

Фото: МИА архива

 

 

 

Остани поврзан