• понеделник, 23 декември 2024

МАТТО и ФТСО ќе соработуваат за воспоставување нова авио-линија помеѓу Скопје и Даламан – Фетије во 2023

МАТТО и ФТСО ќе соработуваат за воспоставување нова авио-линија помеѓу Скопје и Даламан – Фетије во 2023
Скопје, 13 јуни 2022 (МИА) - Македонско-Турската стопанска комора – МАТТО и Стопанската индустриска комора на Фетије од Турција денеска реализираа работилница за соработка во областа на туризмот помеѓу Северна Македонија и познатиот туристички град Фетије во Турција, со цел воспоставување соработка меѓу членките на коморите и туристичките агенции од двете земји, како и воспоставување нова авио-линија помеѓу Скопје и аеродромот Даламан што се наоѓа во близина на Фетије. - Правиме напори меѓу двете комори, и преку нашите најзначајни агенции во Македонија и во Турција, да направиме заеднички лет на двете дестинации меѓу ТАВ и Даламан за да има директни летови од Скопје за Даламан – Фетије, и обратно Даламан за Македонија, изјави претседателот на МАТТО, Ајдован Адемовски. Тој рече дека МАТТО ги презентираше и нашите можности за инвестиции во нашите зимски и летни туристички места како што се Охрид, Дојран, Шапка и Маврово, и дека е направена плодна соработка што очекуваме да се реализира од 2023 година. - Очекуваме да има повеќе туризам во едно од најубавите места како што е Мртво Море во Фетије, а имајќи предвид дека нашата земја најмногу ја посетуваат туристи од Турција, очекуваме да имаме зголемување на туризмот меѓу двете земји, истакна првиот човек на МАТТО. На прашањето дали ќе има редовни летови или само сезонски чартери Адемовски одговори дека на почеток се планира да има само чартери, но, како што посочи, во иднина може да има и редовни летови неколку пати во неделата. Претседателот на Здружението на хотели во Фетије, воедно и потпретседател на Стопанска индустриска комора на Фетије – ФТСО, Булент Ујсал, посочи дека во рамки на пандемискиот период, како и во пост пандемијата договорено е дека соработката би требало да стартува токму од областа на туризмот. - Нашата цел е од наредната година да почнат летовите на релација Скопје-Даламан, секако во областа на туризмот. Целта ни е обострана интеракција односно ние во Даламан да ги нагостиме државјаните од Македонија, како и нашите турски државјани да дојдат да ги посетат овие краишта, потенцираше Ујсал. Тој додаде дека оваа соработка започната преку туризмот ќе продолжи да се рефлектира и во другите области на економијата, и потенцираше дека се надева оти што поскоро ќе почнат директните линии за уште поголема економска, туристичка и културна соработка меѓу Турција и Македонија. Во однос на прашањето за областите во кои може да се зголеми соработката, Ујсал рече дека земјоделството, туризмот, мермерот и морските плодови се во многу развиена состојба, во Фетије. Директорот за деловен развој на аеродромот во Даламан, Орчун Сунгур, исто така изјави дека се сретнал со одговорни лица од скопскиот аеродром, претставници на цивилнито воздухопловство и многу туроператори и рече дека се надева дека во најскоро време ќе започнат директните летови меѓу Даламан и Скопје. сх/нд/

Остани поврзан