• петок, 05 декември 2025

„Маршот за Газа“ се соочува со пречки – над 150 активисти вратени од Каиро

„Маршот за Газа“ се соочува со пречки – над 150 активисти вратени од Каиро

Каиро, 12 јуни 2025 (МИА) - Египет денеска не дозволи влез за десетици про-Газа активисти и ги врати назад во Германија, соопштија извори од аеродромот во Каиро, пренесува ДПА.

Активистите се дел од глобална протестна кампања што има цел да пристигне на граничниот премин Рафа со Појасот Газа, во знак на солидарност со Палестинците.

Според аеродромските извори, активистите – главно европски државјани – го прекршиле протоколот за движење во Египет, а властите вчера побарале тие однапред да обезбедат дозвола за влез.

Германската авиокомпанија Луфтханза потврди дека неколку патници од летот за Каиро не биле примени во земјата. Согласно меѓународните правила, компанијата била обврзана да ги врати назад на точката на поаѓање.

Поради тоа, повратниот лет бил одложен за помалку од два часа, соопшти Луфтханза.

Германското Министерство за надворешни работи информираше дека има сознанија за неколкумина Германци задржани од египетските власти во врска со кампањата „Глобален марш за Газа“. Амбасадата на Германија во Каиро е во контакт со нив и им обезбедува помош.

Египетски безбедносен извор изјави дека досега над 150 активисти од различни националности се вратени по пристигнување на аеродромот во Каиро.

– Безбедносните власти и натаму ги следат сите пристигнувања со засилени мерки на сите аеродроми и гранични премини,  рече изворот кој сакаше да остане анонимен, пренесува ДПА.

Организаторите на маршот изјавија дека, и покрај враќањата и одложувањата на околу 170 лица, ќе продолжат со планот да стигнат до граничниот премин Рафа.

„Нашите правни служби работат на случаите бидејќи ги почитувавме сите правни услови поставени од египетските власти“, објавија на платформата Икс.

Од Египет сè уште нема официјална изјава.

Активистите планираат утре да заминат од Каиро кон градот Ел-Ариш на Синај, од каде ќе пешачат околу 50 километри до Рафа.

Планираат и неколкудневни протести кај преминот, почнувајќи од недела. Протестите во Египет се строго ограничени со закон.

Паралелно, друг конвој активисти, кој тргна од Тунис со 1.700 лица, продолжува со копнено патување преку Либија, со цел да го пробие израелското опколување на Газа.

Според организаторите, тие сакаат да го насочат вниманието кон влошената хуманитарна ситуација во Појасот Газа.

Израел претходно побара од Каиро да не дозволи активистите да стасаат до границата со Газа.

Во моментов, израелската армија ја контролира страната на Рафа на палестинската територија. ссм/

фото: архива

Остани поврзан