• недела, 22 декември 2024

Маричиќ: Не е разговарано за друга интервенција во Уставот

Маричиќ: Не е разговарано за друга интервенција во Уставот

Скопје, 28 март 2023 (МИА) - Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ изјави дека нема никаков договор ниту е разговарано за каква било друга интервенција во Уставот, освен за впишување на Бугарите, Црногорците, Хрватите и другите етнички заедници кои тоа го бараат.

Вицепремиерот во изјава за Дојче Веле, вели дека фокусот мора да е ставен на уставните измени кои произлегуваат од Преговарачката рамка со ЕУ.

-Некои прашања може да се решат и со идни процеси на уставни промени, посочува Маричиќ.

Според Маричиќ, отворањето на нови прашања и други теми надвор од првичната цел за промена на Уставот донекаде биле и очекувани.

-Не е првпат да слушнеме предлози, барања или пакет измени кои би биле предложени во случај на отворање на Уставот. За секоја тема која има значење за граѓаните може да се отвори општествена дебата, но, фокусот мора да е ставен на обврската која сме ја презеле во Францускиот предлог, кој е преточен во нашата преговарачка рамка и сите треба да сме насочени кон тоа, нагласува Маричиќ.

Ако сакаме да успееме со уставните измени, подвлекува тој, процесот мора да биде фокусиран на оние теми важни за брза интеграција во ЕУ.

-За сите други прашања ќе биде потребна поелаборирана дискусија и таа може да се отвори и да потрае и подолго како процес, а некои прашања може да се решат и со идни процеси на уставни промени. Уставните измени кои произлегуваат од Преговарачката рамка со ЕУ се од интерес и на граѓаните и на државата. А, кога се работи за граѓаните и државата треба да имаме иста цел и да направиме услови преговорите со ЕУ да бидат ефикасни и што е можно поскоро да станеме земја членка на ЕУ, додава Маричиќ за ДВ. мс/лв/

фото/МИА

Остани поврзан