Герасимовски: Центарци го поддржуваат пилот проектот за затворање на Дебар маало за возила за викенди
- Денеска, во рамки на караванот „Се гледаме во маало“, градоначалникот Горан Герасимовски и тим од општинската администрација се сретнаа со жителите на Центар на плочникот кај Зелен пазар.
Скопје, 14 јуни 2025 (МИА) - Денеска, во рамки на караванот „Се гледаме во маало“, градоначалникот Горан Герасимовски и тим од општинската администрација се сретнаа со жителите на Центар на плочникот кај Зелен пазар.
Како што информираат од општината на маалската средба се дискутирало за сите досега реализирани проекти на Општината, а биле и споделени и нови идеи и приоритети за развојот на Центар во наредната година.
-Граѓаните му изразија поддршка на Герасимовски за најавениот пилот-проект за ограничување на движењето на возила во внатрешноста на Дебар Маало за време на викендите. Оваа иницијатива има за цел да создаде побезбедна и поквалитетна животна средина за сите дебармаалци и центарци. Овој пилот-проект ќе го доставиме до Градот Скопје, а потоа и до СВР Скопје за конечна согласност. Со тоа ќе направиме важен чекор кон поголема безбедност, мир и повеќе простор за граѓаните во Дебар Маало, истакна градоначалникот Горан Герасимовски, стои во соопштението.
Проектот предвидува Дебар Маало да биде затворено за сообраќај секој викенд, почнувајќи од петок во 18 часот до понеделник во 06 часот наутро. Во овој период, влезот на возила ќе биде контролирано ограничен преку поставување рампи на четири клучни локации: улиците Орце Николов, Ленинова, 29 Ноември и булеварот Климент Охридски. Влез ќе биде дозволен исклучиво за жителите на Дебар Маало кои ќе добијат специјални дозволи (картички), додека за останатите граѓани ќе важи ограничување: ќе можат да влезат со возило, но само привремено – во рок од 15 минути. свс/нд/
Фото: Општина Центар