• петок, 17 мај 2024

Маричиќ - Копман: Северна Македонија има партнери кои ја сакаат во ЕУ, на нас останува да го направиме следниот чекор 

Маричиќ - Копман: Северна Македонија има партнери кои ја сакаат во ЕУ, на нас останува да го направиме следниот чекор 

Брисел, 25 октомври 2023 (МИА) – Европската Унија е подготвена дополнително да го унапреди преговарачкиот процес со Северна Македонија и регионот во наредниот период, што ќе даде јасни и видливи резултати во приближувањето кон ЕУ, беше порачано од денешната средба во Брисел на вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ со директорот на Генералниот директорат за соседска политика и преговори за проширување при Европската комисија (ДГ НЕАР), Герт Јан.Копман.  

- ЕУ е подготвена да ги забрза преговорите, но реформите остануваат клучни за напредок кон полноправно членство. Важно е да знаеме дека имаме партнери кои ја сакаат Северна Македонија во ЕУ и кои веруваат дека сме подготвени за доброто на државата и граѓаните да го направиме следниот чекор кон ЕУ, објави Маричиќ на Фејсбук по средбата со Копман. 

Тој средбата ја оцени како продуктивна и важна на која се разговарало за односите на земјава со ЕУ, за поддршката од државите членки за продолжување на нашиот процес на пристапни преговори и за важните реформи поврзани со евроинтеграцијата, особено владеењето на правото и борбата против корупцијата.  

- Европскиот пат и реформската агенда мора да бидат пред се, пред политичките интереси, дијалогот мора да е активен, како и заедничката посветеност за воведување на европските стандарди и принципи во македонското општество, додаде Маричиќ. 

Претходно денеска, како што јави дописникот на МИА од Брисел, Маричиќ имаше средба со еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји, на која главни теми беа актуелните политички настани во земјава, текот на скрининг процесот и очекувањата пред објавувањето на Извештајот за напредокот за 2023 година. 

Маричиќ, кој вчера допатува во Брисел за учество на дводневниот Форум „Глобална порта“, што денеска и утре се одржува во организација на Европската комисија, во текот на вчерашниот ден имаше средби и со заменикот на генералната директорка за Западен Балкан во Европската служба за надворешна политика (ЕЕАС), Марко Маковец и со главниот советник за надворешна политика на претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, Симон Морду, а предвидено е да се сретне и со еврокомесарот за буџет и администрација Јоханес Хан, да одржи брифинг со Работната група за проширување и земји кои преговараат за пристапување во ЕУ (КОЕЛА), како и да има работен состанок со в.д. директорката за Западен Балкан во ДГ НЕАР, Микела Матуела, на кој тема на разговор ќе биде текот на скрининг процесот и подготовката на стратешките документи – Патокази, кои се наша обврска за отворање на Кластерот 1 - „Фундаментални вредности“. сп/нд/

Фото: Фејсбук 

Остани поврзан