• недела, 22 декември 2024

Марио Стојаноски, Мирјана Илиева Јашари и Сашо Огненовски меѓу наградените за најдобри преводи на драмски дела од цела Европа

Марио Стојаноски, Мирјана Илиева Јашари и Сашо Огненовски меѓу наградените за најдобри преводи на драмски дела од цела Европа

Скопје, 21 март 2023 (МИА) - Македонските преведувачи Марио Стојаноски, Мирјана Илиева Јашари и Сашо Огненовски се меѓу наградените за најдобри преводи на драмски дела пријавени од цела Европа за 2023 година, соопшти Европската мрежа за современа драма и превод „Еуродрам“.

Македонскиот комитет на „Еуродрам“ разгледа вкупно 19 предложени драмски преводи на македонски јазик од кои како најдобри ги избра „Папагал“ од Данило Киш, превод од српски на Марио Стојаноски, „Бордел Балкан“ од Јетон Незирај, превод од албански на Мирјана Илиева Јашари и „Ако се разбудиш или како да е тоа важно“ од Исидора Милосављевиќ, превод од српски на Сашо Огненовски.

Списокот на најдобри драмски преводи на македонски и на други европски јазици за 2023 година е достапен на линкот.

Марио Стојаноски дипломирал на Катедрата за македонска книжевност и јужнословенски книжевности на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Тој е книжевен уредник на здружението „Кино Балкан“ и еден од уредниците на театарската иницијатива „Штрих“. Досега превел и уредил десетина книги проза и филозофија од англиски, српски и хрватски јазик на македонски. Превел драмски текстови од Сем Шепард, Харолд Пинтер, Данило Киш и Игор Штикс. Неговиот превод на „Неземниот израз на неговите раце“ од Миљенко Јерговиќ добива признание на конкурсот за најдобар млад преведувач „Вавилон“ на Здружението на преведувачи и толкувачи на Република Македонија (ЗПРМ).

Мирјана Илиева Јашари дипломирала на Катедрата за албански јазик и книжевност на Филолошкиот факултет при Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ во Скопје. Од албански на македонски јазик превела дела од истакнати автори од земјава и од Косово и Албанија, меѓу кои се Јетон Незирај, Аријан Лека, Аг Аполони, Башким Шеху, Бен Андони, Дорунтина Баша, Беким Рамадани и Хашим Бафтијари.

Сашо Огненовски е македонски писател и преведувач. Автор е на четири поетски книги, два романа, две детски пиеси и на драмите „Тага“ и „Тврдина“. Добитник е на наградата на Црногорската асоцијација на преведувачи и на меѓународната награда „Книжевно перо“ на Хрватското книжевно друштво од Риека. Преведува од српски, хрватски, бугарски и англиски јазик. Превел дваесетина книги од сите жанрови, меѓу кои и антологијата „Нова српска драма“. бт/сп/

Остани поврзан