• петок, 22 ноември 2024

МАПАС: Вкупните средства на пензиските фондови во 2022 пораснаа и покрај неизвесното макроекономско и финансиско окружување

МАПАС: Вкупните средства на пензиските фондови во 2022 пораснаа и покрај неизвесното макроекономско и финансиско окружување

Скопје, 4 јули 2023 (МИА) - Во текот на 2022 година, вкупните средства на задолжителните пензиски фондови забележаа забавен раст од 7,46% и достигнаа 113,54 милијарди денари. Вкупните средства на доброволните пензиски фондови пак забележаа помал раст во однос на вкупните средства на задолжителните пензиски фондови, односно пораснаа за 6,36% и достигнаа 3,05 милијарди денари. Со тоа, учеството на вкупните средства на пензиските фондови во вториот и третиот столб во бруто-домашниот производ остана скоро на исто ниво како и во претходната година (15% од БДП). Ова се забележува во Извештајот за состојбите во капитално финансираното пензиско осигурување во 2022 година, што беше усвоен од Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување.

-Во текот на 2022 година пензиските фондови се соочија со неизвесно макроекономско и финансиско окружување. Актуелните случувања поврзани со воениот конфликт помеѓу Украина и Русија имаа свое негативно влијание и на пензиските фондови со дефинирани придонеси, и во странство и во Северна Македонија. Сепак, средствата на македонските пензиски фондови не се директно изложени во Украина и во Русија и генерално последиците ги почуствуваа посредно, преку инфлаторните притисоци, повисоките каматни стапки и понискиот економски раст, најмногу поради нестабилност и волатилност на финансиските пазари, стои во извештајот на МАПАС.

Се наведува дека пензиските друштва ги инвестираа уплатените придонеси и акумулираните средства придржувајќи се до регулаторната рамка и максималните инвестициски ограничувања.

-Иако структурата на инвестиции на пензиските средства во 2022 година не се разликува многу во споредба со 2021 година, се забележува мало зголемување на учеството на обврзниците за сметка на учеството на депозитите, акциите и инвестициските фондови. Инвестициското портфолио на задолжителните пензиски фондови во 2022 година се состои од домашни инвестиции кои вклучуваат државни хартии од вредност (63,12%), депозити (5,47%), акции (2,20%), удели во инвестициски фондови (0,11%) и корпоративни обврзници (0,02%), како и инвестиции во странство кои вклучуваат инвестиции во удели на инвестициски фондови (24,13%), акции (3,57%) и странски државни обврзници (0,82%), стои во извештајот.

Во документот се наведува дека почнувањето на работа на четвртиот доброволен пензиски фонд не влијаеше многу на вкупната структура на инвестициите на доброволните пензиски фондови со оглед на фактот дека во почетните години од работа новиот фонд сè уште располага со средства што се од мал обем во однос на вкупните средства на доброволните пензиски фондови.

-Инвестициското портфолио во 2022 година се состои од домашни инвестиции кои вклучуваат државни хартии од вредност (54,21%), депозити (9,45%), акции (6,26%), корпоративни обврзници (0,68%) и многу мал дел во удели во инвестициски фондови (0,02%), како и инвестиции во странство, коишто вклучуваат инвестиции во удели на инвестициски фондови (22,55%), акции (4,69%) и странски државни обврзници (0,91%), се наведува во документот.

Глобалните случувања, се додава во документот, сепак влијаеа и на намалување на приносите пресметани за седумгодишен период во 2022 година. Зголемувањето на промената на нивото на трошоците на живот, сведена на годишно ниво, изразено влијае на падот на износите на приносот во реален износ во 2022 година. На ниво на задолжително капитално финансирано пензиско осигурување, во седумгодишниот период 2016 – 2022 година, беше остварен просечен принос сведен на годишно ниво од 4,52% во номинален износ односно 0,50% во реален износ, пресметан преку промената на пондерираниот просек на сметководствените единици на задолжителните пензиски фондови. На ниво на доброволно капитално финансирано пензиско осигурување, во седумгодишниот период 2016 – 2022 година, беше остварен просечен принос сведен на годишно ниво од 4,64% во номинален износ односно 0,61% во реален износ, пресметан преку промената на пондерираниот просек на сметководствените единици на доброволните пензиски фондови.

-Глобалната финансиска и економска неизвесност во 2022 година ги измести трендовите на нагорно движење на параметрите на задолжителното и доброволното капитално финансирано пензиско осигурување, но пензиските фондови сè уште се во фаза на акумулација и се очекува овие влијанија да бидат надминати во понатамошните години, се наведува во документот.

Во 2022 година се зголеми и опфатот на населението во вториот столб со сличен тренд како и претходната година (4% во однос на 2021 година) и достигна учество од 71% во вкупното активно население.

-Иако бележеше поголем раст во однос на вториот столб, сепак учеството на населението во третиот столб е сè уште многу мало, односно околу 3,7% од вкупното активно население во РСМ се членови со доброволна индивидуална сметка или се учесници во пензиска шема со професионална сметка во доброволен пензиски фонд, стои во извештајот на МАПАС. нд/

Остани поврзан