• недела, 22 декември 2024

Македонско-српска лингвистичка средба - презентација на досегашните проекти и најава за нов прирачник

Македонско-српска лингвистичка средба - презентација на досегашните проекти и најава за нов прирачник

Скопје, 20 мај 2024 (МИА) - Македонско-српска лингвистичка средба се одржа денеска во Скопје меѓу претставниците од Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ и Институтот за српски јазик од Белград, каде беа презентираа проекти кои се дел од нивните досегашни активности. Соработката меѓу овие два Института трае 70 години, а во најава е и српско-македонски /македонско-српски прирачник, на кој треба да почне да се работи наскоро.

Поточно, во рамки на денешната средба што се одржа во Институтот за македонски јазик, беа презентирани проектите „Етимолошки речник на македонскиот јазик“, претставен од проф. д-р Гоце Цветановски, „Речник на црковнословенскиот јазик од македонска редакција“, претставен од проф. д-р Лилјана Макаријоска и „Јавниот дискурс во Република Србија“, претставен од проф. д-р Марина Николиќ и м-р Миљана Чопа.

Како што е најавено, утре предавање ќе одржи проф. д-р Софија Милорадовиќ, директорка на Институтот за српски јазик при САНУ, на тема „Вода у српској народној религији и традицији и у говорима призренско-тимочке дијалекатсе области - између животворног и уништитељског“.

Директорката Милорадовиќ денеска пред средбата изјави дека на денешната средба присуствува нивниот претставник, кој зборува за активностите на Институтот за српски јазик во Белград.

-Денеска на средбата ќе ги претставиме нашите колеги од Институтот за српски јазик во Белград, а утре ќе се одржи моето предавање. Сакам да го најавам и двојазичниот српско-македонски/македонско-српски прирачник. Тоа е една нова идеја, договор на кој што треба да почне да се работи, рече Милорадовиќ.

Директорката на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ Елена Јованова-Грујовска пред почетокот на средбата изјави дека соработката меѓу Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ и Институтот за српски јазик од Белград трае 70 години, поточно од самото основање на нашиот Институт.

-Соработката нормално е очекувана, со оглед на тоа што станува збор за Институти кои ги проучуваат овие два соседни словенски јазици. Ние до сега имавме повеќе средби и посети од страна на Институтот за српски јазик. Тие секогаш учествуваат на нашите меѓународни конференции. До сега сме имале неколку предавања - од проф Даринка Гордан Пренк, а утре ќе имаме од директорката на Институтот за српски јазик. Исто така, имавме предавања од нашите еминентни гости од Белград, кои се вклучени во редакциски одбори на нашите списанија, во меѓународни списанија, во редакциските одбори, како и на нашите меѓународни конференции, додаде Јованова-Грујовска.

Како што рече, ваквите македонско-српски средби се нормален тек на работите и најави дека во октомври е поканета да присуствува во организацискиот одбор на една српска конференција.

-Претставниците од Институтот за српски јазик од Белград ќе ни раскажат за нивните проекти, а ние ќе раскажеме за два проекти од областа на етимологијата и од областа на историјата на македонскиот јазик. Потоа, ќе се договориме за иден речник, веќе сме во преговори. Нам ни недостасува српско-македонски/македонско-српски фразеолошки речник и мислам дека за многу брзо време ќе успееме да го завршиме. Годинава одбележуваме и 150 години од раѓањето на Крсте Мисирков, затоа нашите гости ја погледнаа спомен собата на Крсте Мисирков со која ние се гордееме, додаде Јованова-Грујовска.

Таа најави дека на утрешното предавање на директорката на Институтот за српски јазик во Белград се повикани и сите докторанти на докторските студии по македонистика на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.бт/аа/

Фото: МИА

Остани поврзан