• понеделник, 16 март 2026

Во среда изложба на документарна фотографија „Водици 2002-2026“ на Зоран Андонов

Во среда изложба на документарна фотографија „Водици 2002-2026“ на Зоран Андонов

 

Тетово, 16 март 2026 (МИА) - Зоран Андонов, новинар и фотограф од Тетово во среда 18 март пред јавноста ќе се претстави во изложба на документарна фотографија „Водици 2002-2026“.

Станува збор за изложба на 162 фотографии избрани од вкупно над 3000 кои Андонов ги има направено на денот на празнување на Богојавление-Водици од 2002 до 2026 година. Изложбата ќе биде отворена во Музеј на тетовски крај (Дом АРМ) во среда во 19 часот.

Откако во 2001 година го има набавено својот прв дигитален фотоапарат од 2002 година речиси секоја година тој ги бележи моментите од празнувањето на Водици и создава богата колекција на документарна фотографија.

-За секоја година одбрав по неколку фотографии правејќи на тој начин по една мала приказна од најзначајните моменти кои го одбележале ова чествување. Акцентот го ставив на документарната фотографија која е тесно поврзана со мојата професија новинар, но секако се обидов да го запазам и уметничкиот аспект на овие фотографии. Празникот Водици навистина е благородна тема за фотографирање па така неколку од изложениве фотографии беа примени на изложби организирани во Македонија, но и во странство, вели Андонов.

Зоран Андонов е роден во 1959 година. По професија е новинар со 37 годишно работно искуство. Од 1993 година член е на Фото сојузот на Македонија од каде го 2012 година го добива звањето „Фотограф права класа“.

Досега има реализирано четири самостојни изложби на фотографија, а учествувал и на голем број републички и меѓународни изложби, каде има освојувано повеќе награди и признанија. Член е на Фото групата „Чкрап!“ од Тетово.

Коавтор е на делото „Лексикон на странски сликари кои престојувале во Македонија во периодот 1850-1950 година“, на авторот Влатко Милошевски, издадено во 2022 година. ас/вј/

Фото: Зоран Андонов

Остани поврзан