• четврток, 19 декември 2024

Македонските научници најактивни меѓу земјите од Западен Балкан во активностите на програмата COST 

Македонските научници најактивни меѓу земјите од Западен Балкан во активностите на програмата COST 

Скопје, 15 ноември 2023 (МИА) - Управниот комитет на COST (Европска соработка за наука и технологија) -  организација за научно-технолошко вмрежување во Европа, денеска во Скопје одржува годишен состанок во чии рамки ќе има и работилница за новата 10. Рамковна програма на ЕУ за истражување и иновации  „Хоризонт Европа“. Состанокот, на кој присуствува и директорот на COST-програмата, Роналд Де Бруин, го отворија вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ и министерот за образование и наука Јетон Шаќири.

Маричиќ ја истакна важноста на учеството на Северна Македонија во СОЅТ и укажа дека треба да бараме можности за воспоставување солидна соработка меѓу научниците и институциите.

-Како земја која преговара за полноправно членство во Европската Унија, имаме можност да учествуваме во истражувачките програми на ЕУ и да ги почувствуваме придобивките уште пред пристапувањето. Ова вклучува македонски истражувачи во значајни проекти за иновации, истражување и наука. Научното истражување и споделувањето искуства се од најголема важност за нашето општество, истакна Маричиќ.

Тој им се заблагодари на заедницата COST и нејзината посветеност за унапредување на науката и ја потенцираше посветеноста на Владата за обезбедување на зголемена национална поддршка за учесниците во COST и порача дека „обезбедувајќи ја ефикасноста и успехот на научниците и иноваторите, ние треба продолжиме да градиме европска иднина за Северна Македонија, каде што науката и технологијата играат суштинска улога во обликувањето на подобар свет за сите“.

Министерот за образование и наука Јетон Шаќири соопшти дека на денешниот состанок на Управниот комитет на СОЅТ ќе бидат споделени резултати од досегашните акции, а ќе се разговара и за иницијативи што можат да бидат од интерес за земјите членки на оваа програма и тие понатаму заеднички да ги спроведат.

-Мене ми е драго и за нас како држава е значајно тоа што во изминатиот период покажавме доста голем интерес за учество во оваа програма. Само во изминатите два месеца, од вкупно 70 акции колку што беа предложени и спроведени во СОЅТ-програмата, нашата земја има свои претставници во 67 акции или тоа е учество од 97 отсто во акциите. Ова подразбира дека ние како земја имаме научно-истражувачки потенцијал, имаме квалитетен кадар кој со свои идеи и иницијативи придонесува за развој на науката и технологијата во глобалниот свет, истакна Шаќири.

Во иднина, како што рече, „ќе се обидеме оваа програма и можностите за учество во неа да ги доближиме до што повеќе млади научници и истражувачи во земјава преку презентации и работилници на универзитети“. 

-Секако, ќе вложиме напори и за обезбедување на што поголем буџет за наука во следните години. Тоа ќе биде приоритет затоа што не може да има напредок во државата доколку не се вложува во науката и во знаењето на граѓаните, рече министерот за образование и наука.

Проф. д-р Зоран Поповски, претставник на нашата земја во Управниот одбор на COST, истакна дека нашите научници во тековните акции учествуваат со околу 80  отсто.

-Од вкупно 45 000 научници што во овој момент се вклучени во мрежите на COST, македонските научници учествуваат во околу 250 такви мрежи со тоа што нашите научници користат различни инструменти за мобилност затоа што оваа Програма е исклучиво наменета за вмрежување, изјави Поповски.

Од денешниот состанок очекува, рече, да има предлози  како да се зголеми влијанието на COST  во Европската област за истражување (European Research Area) и, особено, како да се мотивираат што е можно повеќе млади научници.

-И покрај тоа што учеството на македонските научници досега е навистина препознаено од COST  и сме прогласени за најактивна земја во Западен Балкан во активностите на COST, истакна Поповски. 

Средствата за COST ги обезбедува Европската комисија и на годишно ниво, како што рече,  се околу 70 милиони евра.

COST (Европска соработка во науката и технологијата) е организација за финансирање на мрежи за истражување и иновации има 41 членка. Таа е најстарата и најголема програма за вмрежување во науката во Европа, основана во 1971 година со седиште во Брисел.  Покрај членките на ЕУ, учествуваат и земји од Европа кои не се членки на Унијата.  Република Северна Македонија е членка на СОЅТ од 2002 година. хс/са/

Фото: МИА 

Остани поврзан