• петок, 26 април 2024

Лица со телесна попреченост се едуцираат и се вработуваат преку платформата Најдобар онлајн асистент, наградувана во светски рамки

Лица со телесна попреченост се едуцираат и се вработуваат преку платформата Најдобар онлајн асистент, наградувана во светски рамки

Скопје, 29 март 2023 (МИА) – За предностите на дигиталниот свет свесноста на човештвото се зголеми со почетокот на ковид кризата. Работните места веќе не се секогаш во канцелариите, а одредени категории граѓани добија можност да ги истакнат своите квалитети и позитивни страни на еден нов начин. Токму во Скопје во периодот на ковид кризата е основана платформата Најдобар онлајн асистент (Best online assistant) која едуцира и им помага на лицата со телесна попреченост да се вработат.

Оваа платформа, преку која се едуцираат лица со телесна попреченост за работа во областа на дигиталниот маркетинг, неодамна доби награда од Обединетите нации за Најиновативен бизнис модел за вработување на лица со попреченост за 2023 година, а креаторката Елизабета Јовановска беше повикана на неколку светски настани да го претстави овој успешен концепт.

Оваа успешна млада жена вели дека нејзиниот фокус е секогаш е да им се даде шанса на лицата со попреченост. Јовановска за МИА раскажува дека приказната за Најдобар онлајн асистент, започнала во 2020 година, веднаш откако почна ковидот кога таа и нејзиниот тим кој работи на дигитален маркетинг се соочиле со недостиг на дигитални работници.

-Бренд солушн е маркетинг агенција која што беше насочена кон дигитален маркетинг. Кога почна Ковидот се зголеми работата во однос на социјалните медиуми и раководење со нив и отворање на нови канали на продажба и немавме доволно кадар за да ги опслужиме компаниите. Со оглед на тоа дека од својата 18-та година волонтирам со лица со попреченост некако ја имав блиската врска со нив, меѓутоа никогаш не помислив дека би можело еден ден на овој начин да направиме некаков чекор понапред со сето она што дотогаш го правевме, раскажува Јовановска.

Добила идеја наместо лицата кои дотогаш ги обучувала за дигитален маркетинг и дигитални вештини, да обучи лица со телесна попреченост.

- Во услови на Ковид тоа беше една одлична можност каде што тие ќе можеа да работат од дома и да заработуваат за себе. Знаеме дека стапката на вработеност кај овие лица е навистина мала, не само кај нас, туку и во сите земји во светот и новите текови и новата економија и новите технологии овозможуваат лицата со попреченост да бидат вклучени и да бидат активна работна сила која ќе биде понудена на пазарот, раскажува Јовановска.

Започнавме со веб - платформа за фриленсери. Претходно лицата со телесна попреченост ги обучуваме за дигитални вештини, односно слушаат курс за дигитален маркетинг којшто е верификуван од страна на Центарот за образование на возрасни и адаптиран за лица кои апсолутно немаат никакви пред знаења од таа област.

- Веднаш подоцна тие отвораат свој профил на платформата каде што може да работат фриленсерски или по договор од дома, но веднаш потоа се отвори потребата за лицата да добијат редовно вработување, вели таа.

Потребите на компаниите биле воочени уште на промоцијата на првата група обучени лица со попреченост.

-Веднаш се понудија работи за лицата да почнат да работат со полно работно време. Потоа направивме истражување и видовме дека всушност во законот постои ..... дека секоја компанија која што има над 50 вработени треба да вработи лице со попреченост, меѓутоа досега тие немале каде да ги најдат или во Заводот за вработување имале единствена дата база меѓутоа никој не се обидел да пребара во однос на напредните вештини односно дигиталните вештини или пак додека лицата кои аплицирале некаде за работа се уште се соочувале со стереотипите, со предрасудите коишто ни се добро познати овде кај нас, вели Јовановска.

Платформата Најдобар онлајн асистент, како што објаснува е, платформа, три во еден - едукација, кариерен развој и различни видови на вработување, конкретно на лица со попреченост.

-И сите компании коишто бараат луѓе односно работници од нас се 100 отсто социјално одговорни компании коишто се апсолутно недискриминирачки и коишто се грижат за инклузивна средина и кои навистина даваат предност на квалитетот. Она што ние се бориме преку нашата платформа е да дадеме еднакви можности на сите, лицата со попреченост да може да напредуваат во работата и вертикално, а не само хоризонтално како што тоа беше досега случај, нагласува Јовановска.

За обука за дигитален маркетинг, лицата со попреченост можат да се пријават на веб-страната bestonlineasistant.com или на Фејсбук страната. Исто така таму можат да остават и свое портфолио за да можат да бидат понудени за работа. На истиот начин и компаниите можат да контактираат со Најдобар онлајн асистент за склучување договори со што покрај поврзување со квалификуван кадар од нив добиваат информација за користење на бенефитите за вработување на лица со попреченост, како и маркетинг за нивната компанија.

-Досега низ нашите курсеви поминаа шеесетина лица од кои во последните пет месеци успеавме да мечираме 42. Дел од нив работат фриленсерски, а дел од нив веќе се вработени со полно работно време во компаниите. Интересно е тоа што некои од компаниите нудат и други можности, на пример ако лицето има одредена квалификација, а се наоѓа во Охрид, во Струга, а компанијата која што бара вработен за маркетинг, за дигитални вештини е во Скопје... Значи инфраструктурата и градовите  повеќе не се пречка затоа што работата од дома, работењето онлајн веќе на сите ни стана нормално и веќе многу компании практикуваат да вработуваат луѓе со полно работно време, а работниците да работат од дома, вели Јовановска.

Со поддршка на Центарот за социјални претпријатија во февруари годинава премиерно беше прикажан документарниот филм „Посеана надеж“, во којшто е опфатена работата на неколку најуспешни социјални преторијатија во земјата. Меѓу нив е и Best online asisstant. 

Душко Димчевски и Дејан Митев, кои веќе се обучени и работат, ги искажуваат своите искуства и задоволството дека секој може сам да заработува.   

-На нас, лицата со попреченост, ни е потешко да испливаме на некој пазар затоа што ние сме, да речеме во некоја втора, трета категорија кај некои луѓе. Научив многу повеќе да работам онлајн, каде има обуки и како да стигнеме, вели Димчевски, кој работи графички дизајн и видео обработка.  Вели овде сите сме исти и сме лица со попреченост и сите даваме еднаков труд и си помагаме тимски. 

Дејан Митев, пак, раскажува дека на сите интервјуа што ги имал, правел некакви грешки, ама и дека тие грешки се поправат со искуство, не се учат од дома.

-Со помош на обуката имам директно менторство и имам искуство. Моментално ја водам Фејсбук страницата на Best online assistant. Нешто најдобро е што имаме свои пари. Чувството е многу подобро, потенцира Митев. 

Платформата Најдобар онлајн асистент (Best online assistant) и нејзината креаторка Елизабета Јовановска беа наградени од Обединетите нации во Виена за најиновативен бизнис модел за вработување на лица со попреченост за 2023. Во оваа ИКТ категорија беа наградени три компании и тоа Google, OurAbilities од САД и Brand Solution од Северна Македонија. Бизнис моделите биле оценувани од страна на 600 експерти од целиот свет, а благодарение на бизнис концептот, Јовановска се стекнала и со титула експерт за пристапност (accessibility expert).

-Ние изминатата година учествувавме на неколку натпревари каде што освоивме односно влеговме на топ 20 компании на Западен Балкан, во топ 10 во ЈИЕ и бевме на светско првенство BRIDE за креативни бизниси и таму го освоивме седмото место од вкупно 70 национални претставници на други држави. Меѓутоа, она за што навистина сме горди е наградата што пред две недели ја добивме на ZERO PROJECT, фондација која што се грижи за спроведување на Конвенцијата на ОН за подобрување на животот на лицата со попреченост. Ние ја земавме наградата во најиновативен бизнис модел за вработување на лица со попреченост и на наше неверување и огромно задоволство бевме наградени во иста категорија со Google, вели Јовановска за МИА.    

Платформата и бизнис моделот, Јовановска го презентирала во ОН, како и во австрискиот Парламент.

-Од таму добивме многу понуди за реплицирање на нашиот модел. Секако, заедно со нашите ментори сега изработуваме најдобро можно решение според кое би можеле да го реплицираме сето ова и во други земји. Но, сепак ние потекнуваме од Македонија и јас сакам прво што е можно повеќе лица со попреченост да добијат можност, да им помогнеме или да ги упатиме во еден нов поинаков живот од оној што тие навикнале да речеме до вчера, вели Јовановска.

Онлајн се е достапно, додава таа, граници повеќе нема. -Значи со дигиталните вештини и со сите курсеви што тие можат да ги поминат и да ги научат едноставно можат да работат за македонска компанија, за странска компанија и тоа е сосема нормално, посочува Јовановска. 

Креаторката на Најдобар онлајн асистент вели дека и е многу драго што во последно време добиваат се повеќе покани од македонски институции за да го претстават нивниот модел. 

-Неизмерно сум среќна и благодарна што можеби институциите кога почнавме воопшто не не поддржаа во она што го правевме, меѓутоа сега истите тие институции не повикуваат на соработка. Посветеноста се исплати, успехот не е преку ноќ и за тоа ми е навистина драго, потенцира Јовановска.   

Во рамки на Неделата на жени претприемачи, таа минатата недела престојуваше во Цирих каде присуствуваше на дополнителна обука за натамошен развој на бизнис концептот.  

Елизабета Вељановска Најдеска 

Фото: МИА, Фејсбук: Best Online Assistant и Елизабета Јовановска 

 

Остани поврзан