• недела, 22 декември 2024

Мицкоски од Росоман и Градско повика масовно да се гласа на осми мај и да се прати ДУИ во опозиција

Мицкоски од Росоман и Градско повика масовно да се гласа на осми мај и да се прати ДУИ во опозиција

Росоман, 26 април 2024 (МИА) - Масовно да се гласа на осми мај и да се прати ДУИ во опозиција, повика претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, од Росоман и Градско, во рамки на претседателската и парламентарната кампања.

- Има центри на моќ кои не сакаат да ја видат успешна Македонија, имаме такви и тие беа клучен фактор, до сега беа и во Владата и тука мислам на ДУИ и Али Ахмети, тој сака да ја види осиромашена Македонија и слично. Тие не сакаат да ја видат успешна Македонија, рече Мицкоски.

Тој рече дека овие избори се шанса криминалците да се пратат во опозиција.

- И ова го зборам само поради криминалот, не го зборам за ДУИ затоа што се Албанци, не, туку поради криминалот. Јас ја повикав опозицијата кај Албанците да се бориме заедно. Јас се борам против ДУИ кои ја ограбуваат и на колена ја ставаат Македонија, додаде Мицкоски.

Александар Николоски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ и носител на ИЕ 4, на денешниот митинг во Росоман рече дека за откупот на праските планираат изнаоѓање нови пазари, што, како што рече, ќе донесат подобри цени, а се осврна и на поддршката за изградба на ладилници и стимулирање откупувачи, реконструкција на постојните водоводни системи за наводнување и изградба на нови системи. За тоа, додаде, се предвидени големи средства во делот за земјоделие за двете ставки, некаде по стотини милиони евра.

- Понатаму, враќање на системот за субвенции што е правичен и што значи, според она што го обработуваат земјоделците. Тука е и поделбата за земја, да завршиме со олигархиското и картелското делење на земја, каде огромни површини на земји ги земаат луѓе кои не се по потекло од општината во која добиваат земјиште и најчесто не ја работат таа земја. Така што бројни проекти планираме во земјоделието кое што треба да ги подобрат состојбите,  истакна тој. 

Николоски се осврна и на експресниот пат Прилеп-Градско и рече дека идната Влада, што според него, ќе биде предводена од ВМРО-ДПМНЕ, ќе го заврши овој пат до 2027 година. 

Во однос на проектите, Драган Ковачки, носител на ИЕ 3, на денешниот митинг во Градско, рече дека визијата на ВМРО-ДПМНЕ е да ја трансформира Македонија напред, преку реализација на проектите од Платформата 1198. свд/нд/

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан