• петок, 22 ноември 2024

Лица со попреченост од Делчево секојдневно изработуваат декоративни изработки

Лица со попреченост од Делчево секојдневно изработуваат декоративни изработки

Делчево, 1 март 2024 (МИА) - Лица со попреченост на возраст од над 18 години од Делчево секојдневно изработуваат декоративни изработки како дел од проектот за Ресоцијализација и реинтеграција кој се реализира во Дневниот центар за лица со посебни потреби во Делчево и Клубот „Интегра“. На специјалните машини кои за таа цел ги имаат на располагање, како што истакна дипломираниот социјален работник, Билјана Симоновска, лицата со попреченост вклучени во проектот веќе ги совладале потребните програми, со што секојдневно продуктивно го пополнуваат своето слободно време. 

-Токму тоа е целта на самиот проект кој се вика „Ресоцијализација и реинтеграција на лица со попреченост“. Бројката ни е променлива релативно голема, така да досега сме задоволни од успехот што го имаат покажано. Тоа се лица со попреченост над 18 годишна возраст меѓутоа нивната желба, интерес навика да создадат нешто убаво и продуктивно да создадат нешто видливо, како и нивните изработки ги прават се повеќе среќни и задоволни да вложат повеќе труд. И навистина сметам дека тоа е една прекрасна нивна активност, едно прекрасно нивно секојдневие да излезат од дома и да бидат дел од нашето општество, вели Симоновска.

Лицата кои се вклучени во проектoт, веќе изработуваат широка палета на производи, меѓу кои гипсени фигури, магнети за украсување, миризливи свеќи, украсни кеси. Дел од нив се штампаат на посебни сито печатачи, а сите производи се изработени во посебната рабтилница за таа намена сместена во самиот Дневен центар во Делчево.

-Овде како што гледате имаме рециклирана хартија која корисниците ја изработуваат на специјален начин со специјална постапка која тие веќе ја знаат. Како што гледате имаме календари, пенкала, запалки кои се штампаат на сито печати каде се изработуваат сите штампи на маиците, дуксерите и другите материјали. Освен пресите за штампање и машините за штампање на чаши, имаме и машини за шиење на кои лицата веќе се обучени за работа и се спремни за нивно вклучување во работниот процес, односно тоа знаење претставува одлична можност за нивно вработување. Потоа, тука ни е машината за топење на восокот, имаме машина за ткаење, машина за сечење на стиропор, машина за украсни кеси која е специјална машина за сечење и лепење. И оваа последната е машината на која се изработуваат глинени производи со различни големини. Значи сите активности моментално ги извршуваме во оваа просторија, додаде Симоновска.

Со цел промоција на активноста на лицата со попреченост, денес Јавната локална библиотека „Илинден“ - Делчево реши да изложи дел од овие производи во холот на библиотеката, се со цел како што рече директорката на установата Биљана Петровска, овие креации да бидат достапни и за читателите и граѓаните кои ја посетуваат градската библиотека.

-И оваа година продолжуваме да ги промовираме сите оние кои нешто создаваат, творат, прават, а за тоа многумина од граѓаните и не знаат. Убавите и креативни нешта треба да бидат видливи и пофалени. Во Дневниот центар во Делчево, корисниците прават прекрасни восочни свеќи, глинени и гипсени модли, еко и платнени кеси, украсни торби, рачни ракотворби и друго. Пред меѓународниот ден на жената 8 Mарт, библиотеката одлучи да изложи дел од се она што го прават во Дневниот центар и групата „Интегра“ со цел доколку сакате да купите подарок по повод денот на жената, како опција да ги имате и овие прекрасни изработки и торби за подароци, рече Петровска.

Производите како што додаде ќе бидат изложени во холот на библиотеката, и сите кои доаѓаат тука во следните неколку дена ќе имаат можност да ги разгледаат. 

-Секоја чест за сите од Дневниот центар и групата „Интегра“ за посветеноста, трудот и креативноста. Браво! Оваа изложба во библиотеката на се, што го создаваат корисниците на Дневниот центар и групата „Интегра“ е мала, но трудот и напорите на корисниците да создадат прекрасни нешта, е огромен. Велат, малку треба за да бидеме среќни, додаде Петровска.

Проектот како што додадоа од Клубот „Интегра“ не е со ограничено време на траење, се работи за секојдневна активност за која се надеваат дека ќе се спроведува и во текот на наредните години. вс/сст/


Фото: МИА


 

 
 

 

 
 

Остани поврзан