• понеделник, 23 декември 2024

Лидерот на финската десница Петери Орпо оптимист дека ќе победи на утрешните избори

Лидерот на финската десница Петери Орпо оптимист дека ќе победи на утрешните избори

Хелиснки, 1 април 2023 (МИА) - Во пресрет на утрешните парламентарни избори во Финска, што се означуваат како многу неизвесни, лидерот на десницата Петери Орпо е оптимист дека неговата партија ќе ја победи Социјалдемократската партија на премиерката Сана Марин и ќе го даде идниот премиер на земјата.

Француските медиуми пренесуваат дека анкетите на јавното мислење покажуваат дека десничарската Национална коалициска партија на Орпо е прва во рејтинзите со мала предност пред социјалдемократите од Сана Марин.

-Водевме одлична кампања, ги имаме најдобрите кандидати во цела Финска и сме први во анкетите, така што јас сум оптимист, рече Орпо.

Кандидатот на партијата која била прва на изборите традиционално ја добива премиерската функција под услов да успее да собере мнозинство во парламентот.

Меѓутоа, исходот од изборите се уште е нејасен.

Според последната анкета од пред два дена, Националната коалициска партија би добила 19,8 отсто од гласовите на Финците, а Социјалдемократска партија на премиерката Сана Марин има рејтинг од 18,7 отсто. Националистичката партија „ Финците“ на Рика Пура се најде меѓу нив со 19,5 отсто.

Партијата на Пура е и евроскептична и антиимигрантска. Таа никогаш не успеа да се искачи на врвот на популарноста во земјата.

-Сакам да ја поправам нашата економија, сакам да го стимулирам економскиот раст, ​​рече Орпо денеска одговарајќи на прашањето на Франс прес за тоа што го разликува од неговиот главен конкурент, 37-годишната Марин.

„Мислам дека тоа е главната разлика. Таа не е загрижена за економијата, не е загрижена за долгот“, рече Орпо, кој предлага план за заштеда на јавната потрошувачка од повеќе од шест милијарди евра. Меѓутоа, Марин го обвинува дека сака да земе пари од сиромашните за да им ги даде на богатите.

-Сана Марин беше многу добра во меѓународните односи, но ситуацијата во Финска, дома, е многу тешка и ветувам дека ќе најдам лек за тоа, рече Орпо.

Утрешното гласање се совпаѓа со новото поглавје во историјата на Финска - нејзиниот влез во НАТО. Ова приклучување ќе биде официјално објавено следната недела.

-Многу сум горд бидејќи Националната коалициска партија, мојата партија, е прва и единствена партија која 20 години ја бранеше идејата за членство во НАТО и денес речиси се приклучивме на Алијансата, рече Орпо. сд/

Остани поврзан