• сабота, 27 април 2024

„Ле Кретен“ премиера на штипскиот Народен театар

„Ле Кретен“ премиера на штипскиот Народен театар

Штип, 27 март 2023 (МИА) - Премиера на театарската претстава „Ле Кретен“ е на вечерашниот репертоар на штипскиот театар. Новата претстава е во продукција на Народниот театар Штип (НТШ), а приказната е за осаменоста, опсесијата и посесивноста раскажувана преку приказната на фотографот Пињон. Станува збор за комедија, која навлегува и во психолошките аспекти на ликовите, што според режисерот, Никола Ристов, е од особена значајност.

-И покрај тоа што е комедија и е наменета да развесели нашите гледачи, се занимава со една многу интересна ситуација, а тоа е дека секој лик во неа се занимава сам со себе. Секој лик во неа си е затворен во еден сопствен свет којшто подоцна кога ќе дојде во комуникација со кој било лик настанува една таква експлозија од емоции и чудни случувања, така што дава една поинаква динамика на целата претстава“, вели Ристов.

Главниот лик на фотографот Пињон го игра актерот Миле Вратеовски. Неговата работна задача е од хотелската соба да го фотографира влегувањето во судската палата на еден важен осуденик за кого се стравува дека е можно да му биде извршен атентат, но Пињон станува најдобар пријател со потенцијалниот атентатор.

-На крајот дојдовме до еден успешен проект кој мислам дека ќе ги задоволи и најистенчените вкусови кај публиката, вели Вратеовски.

И останатите актери посочуваат дека подготовката на претставата бил голем предизвик за нив, но реакциите на публиката на вчерашната претпремиера покажале дека се на вистинскиот пат.

-Синоќешните реакции ни беа потребни, малку ни се оддолжи процесот, не по наша вина. Така некако, можеби, изгубивме континуитет, но мислам дека го најдовме вистинскиот клуч за целата претстава и мислам дека ќе допре многу позитивно до публиката, рече актерот Владимир Тулиев.

-Вчеравечер имавме публика за првпат и по нивните реакции заклучивме дека сме на вистинскиот пат и дека сме успеале да направиме една претстава, една урнебесна комедија којашто штипската публика ќе има можност да ја гледа и да ужива заедно со нас, истакна актерот Пеце Ристевски.

Во претставата играат и актерите Анѓелка Нашкова, Елена Шорова-Дербов и Даријан Петров.

Директорот на Центарот за култура „Ацо Шопов“, Горан Трајков истакна дека претставата вечерва ќе се одигра по повод 27 Март – Светскиот ден на театарот, како и по повод јубилејот 100 години од формирањето на првата аматерска театарска група и 73 години од денешниот Театар – Штип.

-Започнуваме со домашна продукција, она што значи домашни сили и средства и ресурси да употребиме за да ја започнеме сезоната 2023, а со тоа да можеме да го проследиме и прославиме достојно нашиот голем јубилеј – 100 години, рече Трајков.

Се подготвува монографија и изложби за да се одбележи сто години театарски живот во Штип. Билетите за вечерашната премиера веќе се распродадени, но и во текот на следните месеци се предвидени репризни изданија. вдј/ир

 

Фото: МИА

Остани поврзан