• понеделник, 23 декември 2024

Лефков: Георгиев и Мемети, кадрите на СДС и ДУИ во правосудството се дел од правосуден октопод

Лефков: Георгиев и Мемети, кадрите на СДС и ДУИ во правосудството се дел од правосуден октопод

Скопје, 21 мај 2024

Апсењето на врховниот судија Наке Георгиев за земање на мито од 10 илјади евра е само уште една потврда дека Македонија со власта на СДС и ДУИ ниту била правна држава, а уште помалку европска. 

Судијата кој целата своја судиска кариера и унапредување ја добива во време на владеењето на СДС, вчера беше фатен на дело како земал поткуп во замена за олеснителни околности во постапката која се води против екс градоначалникот на Ново Село, Боро Стојчев.

Георгиев станал судија во 1997, па бил избран за судија во Апелациониот суд во 2004, па врховен судија во 2020 година, а потоа беше контроверзно избран и за член на Судскиот совет, па потоа уште поконтроверзно се повлече, за да може неговиот син да биде избран за судија во Кривичен суд. Неговото апсење го покажа целиот сјај на бедата во која СДС и ДУИ го доведоа правосудството во Македонија. 

Наместо правдата, владееле криминалот и корупцијата, а ликови како Георгиев, наместо да се борат против престапниците, самите го прекршувале законот за имотна корист.

Но тоа не е се. Да биде срамната слика за македонското правосудство целосна, постои основан сомнеж дека и јавен обвинител бил дел од оваа афера. 

Имено извршен е претрес и во домот на членот на Советот на обвинители Иџет Мемети, и претрес во службените простории на Советот на јавни обвинители, по основано сомнение дека тој заедно со Наке Георгиев ја злоупотребил својата позиција и барал мито за истиот случај како и врховниот судија, во замена за олеснителни околности во судската постапка. 

И Мемети, како и Георгиев, тесно се поврзуваат за претходната власт, односно важи за исклучително близок за ДУИ. Својата кариера ја почнува кога оваа партија доаѓа на власт и извршува високи функции од правобранител, министер за правда, уставен судија, па до член на Советот на јавни обвинители.

Ова е судски октопод. Во судскиот систем владее организирана банда која тргува со правдата и која наместо по словото на законот работи по словото на парите.

Повикуваме надлежните институции да го истражат целиот овој случај и многу други, бидејќи мислиме дека корупцијата во судството не завршува само со Георгиев и Мемети, туку пипците се многу поголеми и подлабоки, од основни, апелациони судови и обвинителства, па се до високи политички позиции на власта на СДС и ДУи во заминување.

Без правна држава, нема Европска Унија. Без владеење на правото нема ниту напредок, ниту подобар живот во Македонија. 

Со корупцијата мора да има силна и одлучна борба и никој не смее да биде заштитен или амнестиран. 

Доаѓа времето на одговорност.

 

Миле Лефков, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ

 
Центар за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ

________________________________________________________________________________________ 

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

 

Остани поврзан