Летонија е првата балтичка земја што ја напушта конвенцијата против мини
- Летонија стана првата балтичка држава која се повлече од меѓународниот договор за забрана на противпешадиски нагазни мини, пренесе ДПА.

Рига, 16 април 2025 (МИА) – Летонија стана првата балтичка држава која се повлече од меѓународниот договор за забрана на противпешадиски нагазни мини, пренесе ДПА.
Парламентот во Рига денеска го одобри излегувањето од Конвенцијата од Отава, која забранува употреба, складирање, производство и пренос на сите видови противпешадиски мини, кои се сметаат за особено сурово оружје.
Летонскиот парламент ја следеше неодамнешната заедничка препорака од министрите за одбрана на другите балтички земји – Естонија и Литванија – и Полска. Летонија е првата што ја презеде мерката до конечното гласање во парламентот.
Парламентот го оправда повлекувањето наведувајќи ја безбедносната ситуација во балтичкиот регион, за која рече дека е значително променета откако Летонија се приклучи на Конвенцијата од Отава пред 20 години.
Излегувањето доаѓа откако Русија почна инвазија на нејзиниот сосед, Украина, пред повеќе од три години.
Одлуката ќе стапи во сила шест месеци по поднесувањето на декларацијата за повлекување до Обединетите нации.
Конвенцијата или Договорот од Отава беше склучен во 1997 година и оттогаш е потпишан од повеќе од 160 земји, вклучувајќи ги и сите земји од Европската унија.
Русија, САД и Кина никогаш не се приклучија на договорот. Војната на Русија против Украина се смета за директна закана за националната безбедност во четирите земји на НАТО.
Балтичките држави и Полска имаат заедничка граница со Русија. Летонија и Естонија имаат копнени граници со Русија, додека Литванија и Полска се граничат со руската ексклава Калининград на Балтичкото Море. јт/
Фото: ЕПА илустрација