• понеделник, 04 ноември 2024

Куманово доби сувенирница

Куманово доби сувенирница

Куманово, 4 ноември 2024 (МИА) - Куманово доби сувенирница, сместена во простор на Занаетчискиот дом. Сувенирницата, како што соопштија денеска, надлежните од Регионалната занаетчиска комора претставува траен симбол на посветеноста кон промовирањето на занаетчиството и туризмот во Куманово. Денеска се одржа и втор саем за мало стопанство, а беше и најавена и поддршката на старите занаетчии во градот. Регионалната занаетчиска комора на Куманово трета година по ред бараше отворање на сувенирница, од Занаетчиската комора на државата, (ЗКРСМ) најавија отворање на сувенрцнии на ниво на коморите, речиси во секој поголем град во земјава.

- Трета година баравме отворање на сувенирница, простор каде ќе се прикажат автентични производи од нашата култура и традиција. Успеавме да го реализираме тоа, мислам дека секое наше барање кон локалната самоуправа влијаеше и кон националните институции. Потребно ни е да ја чуваме културата, традицијата, зашто токму старите занаети го чуваат идентитетот и горди сме што во Куманово отвораме сувенирница, ќе бараме уште поволности од локалната власт, рече претседателот на ЗКРСМ и на Регионалната занаетчиска комора Агрон Фазлији.

Кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски кажа дека занаетчиите добиваат простор во објект сопственост на општината, но изграден со поддршка на занаетчиите во раните триесетти години од минатиот век. Тој најави дополнителна поддршка на занаетчиите, особено на старите занаети кои ја чувари на традицијата.

- Како локална самоуправа планираме да отвориме и дискусија да отвориме во рамки на ЗЕЛС, би поразговарале во делот на измени на законските нормативи и би можеле да дадеме поголемо значење на занаетчиите, генерално во државата бидејќи сметаме дека се основната нишка на стопанството во државата, рече Димитриевски.

Заменик министерот за економија Марјан Ристески рече дека иницијативата е одлична и треба да се примени во градовите од земјава за да може да се развие туризмот на локално ниво. Тој најави и дополнителна поддршка за малите занаетчии и генерално за малите и средните претпријатија.

- Да напомнам дека имаме одлична соработка и поддршка преку активните програми каде што голем број занаетчии конкурираат оваа година имаме издвоено 6, 5 милини денари за помош на занаетите и поддршка од 130.000 евра на занаетчиските комори, на разните фондации, невладини организации, сè она што е поврзано со промоција и за развојот на занаетите на малите и средни претпријатија итн. Поддршката ќе продолжи понатаму, занеме дека имаме доста дефицитарни кадри во соработка не само со министерството за економија, туку и со министерството за образование да продуцираме и едуцираме што повеќе од овие дефицитарни кадри, не само да опстојат занаетите, туку тие се еден од битните фактори, овие дефицитарни кадри во развојот на економијата на Македонија, рече Ристески.

Кумановските стари занаетчии е добиваат поддршка во вредност од 15.000 денари. Ваквите настани, сметаат организаторите иницираат егзистирање на старите занаети и локалните претпријатија во општина Куманово, кои во иднина ќе овозможат континуиран развој на претприемништвото, конкурентноста и самовработувањето. ам/дма/


Фото: МИА

Остани поврзан