• понеделник, 25 ноември 2024

Кралот Чарлс трогнат до солзи од пораките на поддршка

Кралот Чарлс трогнат до солзи од пораките на поддршка

Лондон, 22 февруари 2024 (МИА) - Британскиот крал Чарлс Трети за време на состанокот со премиерот Риши Сунак вчера изјави дека бил трогнат до солзи од пораките на поддршка од британската јавност по дијагнозата за рак.

- Добив толку многу убави пораки и убави желби... Поголемиот дел од времето бев во солзи поради тоа, изјави Чарлс.

Монархот одржува седмична средба со премиерот, затворена за јавноста, иако на камерите понекогаш им е дозволено да го снимаат почетокот на состанокот. Оваа средба е првата официјална аудиенција што Чарлс ја одржа со Сунак откако му беше дијагностицирана болеста.

- Сите се со тебе!, одговори Сунак, кој пред сѐ нагласил дека кралот изгледа одлично.

Бакингемската палатата претходно овој месец објави дека на Чарлс (75) му бил дијагностициран облик на рак - помалку од 18 месеци од неговото владеење. Не се открива за каков точно вид рак се работи, но кралот почнал со редовни лекарски третмани. Тој ќе продолжи да ги извршува државните должности додека се лекува.

Сепак, како што пренесува „Сан“ (The Sun), можно е поголемиот дел од должностите на Чарлс да ги преземат неговиот син и престолонаследник, принцот Вилијам (41) и сопругата на кралот, кралицата Камила. си/ссм/

Фото: МИА архива

Остани поврзан