• петок, 22 ноември 2024

Кој се извезува оружје и го крши договорот АТТ

Кој се извезува оружје и го крши договорот АТТ

28 август 2924

Дојче Веле

Договорот за трговија со оружје го потпишаа 115 членки на ОН. Тие не треба да извезуваат оружје во конфликтните области, но речиси никој тоа не го почитува.

Кога деновиве во Германија се зборува за испораката на оружје, пред се’ се мисли на вооружување и поддршка на Украина во борбата против руската агресија.

Речиси е заборавен принципот до кој германската политика се придржуваше пред војната во Украина - оружјето да не се доставува во кризните региони или во регионите каде што се водат војни.

Исто така, падна во заборав дека Германија е една од 115-те земји што го потпишаа Договорот за трговија со оружје (ATT) на крајот на 2014 година, кој целосно исчезна од јавната дискусија во светот каде што се зајакнаа национализмот и военото расположение.

Конференција на државите потписнички - десет години подоцна

Минатата недела во Женева се одржа конференција на земјите потписнички на АТТ, десетта по ред.

Хуманитарната организација Амнести интернешенел донесува отрезнувачки заклучок: иако некои од најголемите извозници на оружје доаѓаат од земјите потписнички, тие едноставно ги игнорираат основните правила на договорот.

Со извозот во конфликтните области, како што се Појасот Газа, Судан и Мјанмар, овие компании придонесуваат за нови страдања и смрт.

Во интервју за Дојче Веле, Матијас Јон, експерт за оружје на Амнести, потсетува на најважната функција на договорот АТТ: „Државите се обврзуваат да не одобруваат извоз на оружје што води до кршење на меѓународните човекови права и хуманитарното право“.

Според Јон, тогаш, пред десет години во Њујорк, прецизно биле наведени категориите за видовите на оружје што треба да се забранат:

„Тоа се, на пример, борбени тенкови, борбени авиони, воени бродови, но и мало оружје. Исто така, големиот успех на договорот беше што државите се обврзани да ја применат оваа забрана за извоз и на муниција“.

Истиот обем на трговија со оружје

Десет години подоцна, резултатот од овој договор е разочарувачки. Стокхолмскиот меѓународен институт за истражување на мирот (СИПРИ) во март соопшти дека глобалните трансфери на оружје меѓу 2019 и 2023 година паднале за 3,3 отсто во споредба со претходниот петгодишен период, но европските земји истовремено увезле 94 отсто повеќе оружје во истиот период претходните пет години.

Најголем раст, секако, бележи Украина поради руската агресија, прво на Крим во 2014 година, а потоа и со нападот на Украина во пролетта 2022 година.

Спротивно на тоа, многу помалку оружје се извезува во Африка, така што од 2014 година до денес, целокупното ниво на глобалната трговија со оружје остана приближно исто.

Израел,Газа, Судан,Мјанмар...

Амнести наведува три области каде што договорот конкретно се прекршува. Предводени од САД како најголем снабдувач на оружје, неколку земји продолжуваат да го снабдуваат Израел со оружје, иако постојат многу докази дека војната во Појасот Газа го прекршува меѓународното право.

Во граѓанската војна во Судан (со најголем број внатрешно раселени лица во светот), Србија се појавува како снабдувач со оружје, и покрај ембаргото за оружје на Советот за безбедност на ОН во регионот Дарфур на западот од земјата.

И, како што вели Матијас Јон: „Кина, која изненадувачки се приклучи на договорот за оружје, исто така продолжува да му доставува оружје на Судан“.

Во Мјанмар, војската набави оружје и воена опрема во вредност од најмалку милијарда американски долари откако ја презеде власта во февруари 2021 година. Повеќето од овие оружја биле увезени од Кина.

Само половина од државите издаваат извештаи

Според Јон, многу земји потписнички не ги исполниле другите ветувања во договорот, како на пример дека треба да известуваат транспарентно за одобрените и завршени трансакции со оружје.

„Малку повеќе од половина од државите редовно ги поднесуваат своите извештаи. Останатото треба макотрпно да го истражиме, што е голем проблем бидејќи трансакциите со оружје често се чуваат во тајност“, вели Јон.

И во Германија извештајот на Владата за извозот на оружје наиде на остри критики. Министерството за економија го објави билансот на одобрениот извоз на оружје за првите шест месеци од годинава.

Според тоа, дозволен е извоз на оружје и воена опрема во вредност од околу 7,6 милијарди евра. Речиси две третини (4,9 милијарди евра) отидоа во Украина.

Меѓу земјите кои годинава увезоа германско оружје се Саудиска Арабија (132 милиони евра), Катар (100 милиони евра) и Обединетите Арапски Емирати (51 милион евра).

И покрај тоа, Јон смета дека сите германски влади од потпишувањето на АТТ го сакале и го поддржале договорот. „Се разбира, Германија ги поддржува другите земји во воведувањето контролен систем. Но, тоа не значи дека Германија не извезува оружје поради што постои загриженост дека ќе придонесе за кршење на човековите права“.

Договорот останува добра основа

Сепак, според експертот за Амнести, АТТ се уште е добра основа за подигање на јавната свест за тоа што е легално, а што нерегулирана трговија со оружје.

За другите договори што се создаваат под покривот на Обединетите нации, треба да се биде трпелив и да се чека тие договори вистински да оживеат, вели Џон.

Тој смета дека АТТ нужно треба да се дополни со воведување казни во случај на непочитување. Сепак, овој сегмент сè уште недостасува.

Јенс Турау, Дојче Веле на германски јазик 

Остани поврзан