• среда, 25 декември 2024

Костадиновска-Стојчевска: Со законските измени, пари од игрите на среќа ќе се наменат за стручен кадар во културата

Костадиновска-Стојчевска: Со законските измени, пари од игрите на среќа ќе се наменат за стручен кадар во културата

Скопје, 27 ноември 2023 (МИА) – Законот за употребата на македонски јазик и измените на Законот за игри на среќа, кои се од јавен и национален интерес, треба што поскоро да се изгласаат во Собранието, истакна министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска во денешното гостување во „Слободен печат“.

- Имаме одреден застој, дали поради носење на некои други законски решенија или нешто друго, но се надевам дека за многу брзо време претседателот на Собранието ќе ја закаже Комисијата за култура каде што ќе преминеме на второ читање на законот, додаде Костадиновска-Стојчевска.

Измените на Законот за игри на среќа, со кои се предвидува парите што се влеваат во државниот буџет преку игрите на среќа да се наменат за стипендирање на дефицитарните кадри во културата, за Костадиновска-Стојчевска е добра основа за надополнување на стручниот кадар за заштита на културното наследство.

- Кога ги планиравме измените на законот, се водевме од два сегмента, стручноста на човечкиот кадар и фонд со кој ќе можат непречено да работат. Само така повторно ќе ја вратиме атрактивноста на овие професии бидејќи тие се повеќе од професии – тие се главните чувари на идентитетот, историјата, уметноста, обичаите на еден народ, рече Костадиновска-Стојчевска, укажувајќи дека е алармантно што во матичната институција за зачувување на идентитетот, Музејот на Северна Македонија се преостанати само уште двајца конзерватори.

Министерката напомена дека во последниве 15 години воопшто не се вршело вработување на стручен кадар, особено во заштитата на културното наследство.

- Сето ова беше дополнителен мотив да побараме основање на дополнителен фонд за заштита на културно наследство. Изобилуваме со културно наследство, кое треба да се одржува и треба да осмислиме начин како тој процес да го направиме поодржлив отколку што е сега, рече Костадиновска-Стојчевска.

Таа објасни дека ова ќе биде уредено со соработка меѓу Министерството за култура, Министерството за образование и културните установи кои ќе го договорот бројот на студенти кои ќе се стипендираат од фондот од игрите на среќа во дефицитарните струки кои се осум на број, со што студентите од овие студиски програми точно ќе знаат каде ќе го продолжат својот професионален ангажман по завршување на студиите.

На прашањето што се случува со Универзална сала и дали има некаков напредок во преговорите со Град Скопје, министерката посочи дека Универзална сала сè уште е под владение на Град Скопје. Костадиновска-Стојчевска објасни дека Одлуката на Советот на Град Скопје, која беше донесена пред повеќе од два месеци, со која Градот го пренесува правото да се даде Универзална сала на Министерство за култура, се до нејзината реконструкција, не е во сила. Апелирајќи да не се одолговлекува постапката и да се води без политички калкулации и без било какви препреки кои би го продолжиле застојот во реконструкцијата на Универзална сала, потенцираше дека треба да се реши веднаш бидејќи е крај на година и се влегува во предизборен период.

- Не заборавајте дека таа веќе подолго време е отворена и започнати се некои физички процеси кои дополнително влијаат врз нејзината состојба. Јас се надевам дека Град Скопје ќе го прифати она што го понудивме, дека сакаме да биде испочитувана Одлуката донесена на Совет, а не варијантите што беа понудени со воведување на трета страна, рече министерката за култура Костадиновска-Стојчевска на гостувањето во „Слободен печат“. ир/бак/

 

Фото: Министерство за култура

Остани поврзан