• сабота, 27 јули 2024

Косовската опозиција бара од ЕУ да не ги казнува граѓаните поради лошото владеење на Курти

Косовската опозиција бара од ЕУ да не ги казнува граѓаните поради лошото владеење на Курти

Приштина, 23 ноември 2023 (МИА) – Шефот на опозициската Демократска партија на Косово (ПДК), Мемли Красниќи ја повтори својата загриженост во врска со казнените мерки на Европската унија против Косово, истакнувајќи дека тие мерки се на штета на благосостојбата на граѓаните на земјата, јави дописникот на МИА од Приштина.

На својата страница на Фејсбук, Красниќи напиша дека на денешната средба со шефот на Канцеларијата на Европската Унија во Косово, Томаш Суниог, разговарал за последните политички случувања во земјата и за европската перспектива на Косово.

- На амбасадорот Суниог му ја изразив мојата загриженост во врска со продолжувањето на мерките на ЕУ против Косово, кои и штетат на благосостојбата на нашите граѓани, напиша Красниќи.

За ПДК, додаде лидерот на најбројната опозициска партија во косовското Собрание, евроатлантските интеграции немаат алтернатива и се единствениот пат напред за земјата.

Косовската опозиција ја обвинува Владата на Албин Курти дека со своите погрешни дејствија и непочитувањето на барањата од сојузниците, доведе до воведување санкции, од кои страдаат граѓаните на Косово.

Поради тензиите на северот на земјата, населен со мнозинско етничко српско население, и непостапувањето на владата за деескалација на ситуацијата, ЕУ на почетокот на јули годинава воведе казнени мерки против Косово.

Ситуацијата на северот се влоши откако локалните Срби во тамошните општини Звечане, Лепосавиќ и Зубин Поток, на крајот на мај, се спротивставија на влезот на новите градоначалници Албанци со помош на косовската полиција во општинските згради.

ЕУ побара од Косово да ги прекине полициските операции, да ги префрли албанските градоначалници на општините во алтернативни канцеларии и да распише предвремени избори со целосно учество на косовските Срби.

Претставниците на ЕУ повторија дека отстранувањето на казнените мерки против Косово ќе зависи од спроведувањето на обврските што ги презеде Приштина и другите чекори што се очекуваат од властите во Косово за продолжување на напорите за намалување на тензиите на северот.

Казнените мерки против Косово вклучуваат привремено суспендирање на работата на телата формирани врз основа на Спогодбата за стабилизација и асоцијација (ССА), непоканување на Косово на состаноци на високо ниво и прекин на билатералните посети.

Другите мерки вклучуваат суспензија на програмирањето на средствата за Косово од ИПА 2024 (Претпристапни инструменти), а освен тоа и предлозите на Косово во рамките на Инвестициската рамка за Западен Балкан не беа поднесени на разгледување од надлежниот одбор на 29 и 30 јуни. иа/ссм/

Остани поврзан