• вторник, 23 април 2024

Концерт „Татковина“ во Филхармонија

Концерт „Татковина“ во Филхармонија

Скопје, 28 март 2024 (МИА) - Филхармонијата вечер ќе одржи концерт насловен „Татковина“ под диригентство на Сашо Татарчевски, на кој ќе настапи виолинистот Бојан Илкоски.

На програмата ќе бидат изведени виртуозниот Концерт за виолина и оркестар бр.1 од Николо Паганини (1782-1840) и Симфонија бр. 4 во де-мол, оп.120 од Роберт Шуман (1810-1856)

Дирирентот  Татарчевски дипломирал и магистрирал на Факултетот за музичка уметност во Скопје, на катедрите за хорско и оркестарско диригирање, а посетувал и мајсторски курсеви во Њујорк, Рим, Москва, Берлин, Фиренца, Санкт Петербург и Сартеано. Настапувал со различни ансамбли и на голем број фестивали на кои има освоено награди.

Редовен член е на неколку жири-комисии на интернационални хорски натпревари и раководител на меѓународниот хорски форум во Струга.

Во моментов работи како професор на ФМУ по група предмети од областа на диригирањето и диригент е на симфонискиот оркестар и мешаниот хор „Драган Шуплевски“, како и уметнички раководител на Женскиот младински хор при МКЦ и професионалниот мешан хор „Про Арс“.

Виолинистот Бојан Илкоски дипломирал на Факултетот за музичка уметност во Скопје, во класата на проф.Олег Кондратенко. Досега остварил бројни настапи во земјата и во странство.

Во 2009 година го одржал својот прв самостоен целовечерен концерт во Даут-пашиниот амам. Неговото досегашно искуство како виолинист, вбројува и неколку соло рецитали без пијано придружба.

Илкоски е член на Меѓународниот младински камерен оркестар на Музичка младина, а од неодамна е редовен член на Симфонискиот оркестар при Македонската филхармонија, како и член на оркестарот за филмска музика „Фејмс“.

-Бојан Илкоски (1992) е еден од најпосветените музички уметници кај нас, кој постојано настапува во различни ансамбли. Неодамна, токму со изведба на Концертот за виолина и оркестар бр. 1 од Паганини, настапи како солист во Софија со оркестарот „Симфониета Софија“ и маестро Свилен Симеонов, соопшти Филхармонијата. хс/мд/

Фото: МИА архива 

 

 
 

 

Остани поврзан