• петок, 20 декември 2024

Концерт на салса оркестарот „Меркадонегро“ за роденденот на „Охридско лето“

Концерт на салса оркестарот „Меркадонегро“ за роденденот на „Охридско лето“

Охрид, 4 август 2024 (МИА) – Датумот 4 август и денот кога беше одржан концертот на Ана Липша Тофовиќ што се слави како роденден на Фестивалот „Охридско лето“, по традиција секоја година нуди доживувања малку поинакви од вообичаените содржини карактеристични за фестивал на класична, камерна музика како што е „Охридско лето“.

За овој 64-ти роденден публиката ќе има можност да ужива во звуците на Латинска Америка што во Охрид ќе ги донесат членовите на „Меркадонегро“ оркестарот, под раководство на кубанецот Армандо Миранда.

Самиот Миранда на денешната прес-конференција истакна дека со нетрпение очекува да настапи пред охридската фестивалска публика, на прекрасната сцена на Долни Сарај.

- За првпат сме тука, но ако се цени според убавото време и прекрасниот пејзаж, навистина веќе се чувствуваме како да сме дома. Со нетрпение го очекуваме вечерашниот концерт, подготвен специјално за вашата публика, рече Миранда.
Членовите на орекстарот се од повеќе држави на Латинска Америка - од Куба, Колумбија, Венецуела, Перу...

Како што истакна уметникот Родриго Родригез, вечерва на публиката ќе и биде понудено музичко патување низ земјите на Јужна Америка, со презентација на музика и песна од државите и краиштата од каде доаѓаат.

- Многу сме среќни и возбудени што сме тука во ова прекрасно место. За вас подготвивме едно музичко патување, намера ни е да ја понесеме публиката и преку музиката да ги доловиме нашите корени и краеви од каде доаѓаме, рече тој

Инаку, по повод роденденот на „Охридско лето, директорката Наташа Пововиќ изрази задоволство што Фестивалот во кој трага оставија бројни генереации уметници, со збогатувањето на културната понуда изминатите 64 години го издигнаа Охрид не само како духовна, туку и како културна престолнина.

- „Охридско лето“ е наш уникатен македонски подиум на кој се вкрстуваат уметничките креации од целиот свет. Тука, од фестивалската сцена на „Охридско лето“ секоја година се обединуваат различните култури оставајќи неизбришлива трага за идните генерации. Огромна е благодарноста до сите оние кои со својот настап го воздигнале Фестивалот, славни музичари и актери, реномирани оперски и театарски куќи, бројни љубители на уметноста, но и до сите оние кои неуморно работеле и ја граделе успешната приказна на „Охридско лето“, рече Поповиќ.

Со денешниот роденденски концерт се слават, како што рече, годините испишани со богата историја, со славни имиња од светската музичка и театарска елита.

- Денеска им оддаваме почит на сите оние кои ги вложија своите напори и направија летните фестивалски вечери веќе 64 години да бидат вистинско уживање за љубителите на високата уметност, рече директорката Поповиќ.

Инаку, кога странува збор за оркестарот „Меркадонегро“, тоа е состав што успева да создаде нов стил во жанрот на салса музика. Неговите членови, од Перу, Куба, Колумбија, Венецуела, Италија и Бразил се составен дел на овој музички микс и го прават стилот на „Меркадонегро“ специфичен и препознатлив.

Благодарение на нивната средба со виолинистот Алфредо де ла Фе, настапуваат во престижни локали како Рони Скотс во Лондон, но и на фестивалите во Гластонбери,  фестивалот „Ново утро“ во Париз, Џез фестивалот во Истанбул, Фестивалот „Павароти и пријателите“ во Модена, Фестивалот во Монтро во Швајцарија, „Фиеста“ во Рим, како и на фестивали во Монте Карло и Атина, делејќи ја сцената со Карлос Сантана, Металика, Буена Виста, Соушл клуб и др. Три последователни години соработуваат со кралицата на салса музката – Силија Круз, а биле придружен бенд на легендарни уметници како Чео Фелисијано, Тони Сукар, Тито Ниевес, Лало Родригез, Хозе Алберто „Ел Канарио“, Албита Родригез, Вили Чирино, Реј Сепулведа, Вили Гонзалес, Енди Монтањес, Алберто Сантијаго, Ричи Реј и Боби Круз и многу други. 
„Меркадонегро“ е дел од проектот „Њујорк салса ол старс“ заедно со Џовани Хидалго, Џими Бош, Хозе Алберто, Дејв Валентин и Френки Моралес. Учествуваат во снимањето на албумот на „Латитуди“ на Алфредо де ла Фе, а снимаат и сопствени албуми. Групата ја одликува „заразната“ енергија на сцената, а нивната музика е очигледно под влијание на нивниот идол Еди Палмиери. Тие се без двоумење една од најдобрите салса групи во Европа.

Почетокот на вечерашниот концерт е во стандардниот фестивалски термин од 21 часот. аб/нд/

Фото: МИА

Остани поврзан