• петок, 22 ноември 2024

Конференција: Политички консензус и промена на менталната матрица за трансформација на економијата и одржлив раст

Конференција: Политички консензус и промена на менталната матрица за трансформација на економијата и одржлив раст

Скопје, 23 мај 2023 (МИА) - Мора да има политички консензус и разумно однесување од секој поединец за трансформација на општеството, за одржлив раст и развој. Воспоставување циркуларна економија, почнувајќи од промена на менталната перцепција и имплементирање сосема нов пристап кон производството, репроматеријалите, иновативните технолошки процеси и управувањето со отпадот, е можно со градење силни партнерства меѓу сите засегнати страни: националните и локалните власти, колективните постапувачи со отпад, бизнис заедницата, невладиниот сектор и граѓаните, порачаа вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи и министерката за животна средина и просторно планирање Каја Шукова од денешната конференција „Визии за зелена иднина: Партнерство за циркуларност“. 

Како што рече Битиќи, ние сме една од ретките земји во кои бројот на апарати за собирање пластични и шишиња од друг материјал може да се набројат на прсти, имаме три - четири во цела држава, а во други земји тоа е составен дел од секојдневниот живот. Но, за тоа, напомена, потребна е целосна промена во начинот на нашето размислување и во нашиот пристап.

-Не може да очекувате одржливост во политиките и спроведување ако сам неразумно се однесуваш. Но, освен разумно однесување неопходен е и политички консензус. Тоа е нужно, особено во сегментот на оджлив раст и развој, како и во сегментот на циркуларната економија која би требало да е дел од сето тоа. Се радувам што прв пат, во процесот на изготвувањето на националната развојна стратегија, пред десетина дена на работилница за дефинирање на приоритетните секторски области, на маса беа седнати сите политички чинители, рече Битиќи.

Тој во обраќањето ја подвлече важноста за развивање на свеста за потребата од усвојување на циркуларниот пристап во економијата, кој веќе не е спореден аспект, како што напомена, туку централна тема. Напомена и дека национална економија која транзитира кон циркуларна не може да го заобиколи развојот на зелената инфраструктура.

-Првата, можеби и најважна перспектива во трансформацијата на економиите е тие да вложуваат во креирање производи кои имаат поголема долготрајност и истовремено да можат да се рециклираат за целиот циклус да биде одржлив. Клучен момент во овој процес е и нашето вложување во енергетска ефикасност и производство на енергија од обновливи ресурси. Неопходно е инвестирање во одржливи транспортни системи, како електрични возила, јавен превоз и велосипедска инфраструктура, вклучувајќи и промовирање енергетски ефикасни згради, зелени површини и одржливо урбанистичко планирање, посочи Битиќи и додаде дека најзначајните позитивни аспекти кои со себе ги носи транзицијата кон зелена економија е тоа што таа нуди можности за отворање работни места и социјална вклученост.

Министерката Шукова, пак, укажа на потребата од соодветно управување со лимитираните ресурси, од дизајнирање производи кои би резултирале со минимална количина на отпад и реупотреба на искорситените предмети и материјали.  Со намалување на непотребното создавање отпад и со неговата реупотреба, ќе се зајакне, истакна, националната економија и ќе се заштити притоа животната средина.

Владата нема да отстапи од изнаоѓање финално решение за неформалните собирачи на отпад. Ова се група граѓани кои имаат права како и сите други во државата. Време е нивното прашање да се реши

-Владата го препознава непотребното создавање отпад при секојдневното консумирање производи, како и финансиските, еколошките и социјалните трошоци на создавањето на непотребниот отпад и потребата за соодветно управување со нашите лимитирани ресурси. Оттука, првичен фокус ставаме на превенцијата - спречување на создавањето отпад. Донесен е првиот План за спречување на создавање отпад за 2022 - 2028 година со кој се демонстрира заложбата на земјата за намалување на количините отпад. Еден од најважните сегменти и воспоставувањето систем за селектирање, реупотреба и рециклирање на отпадот. Она што ќе заврши на депониите ќе биде само мал дел што нема да има употреблива вредност, рече Шукова.

Според неа, правната рамка е поставена и може да се пристапи кон воспоставување циркуларна економија.

-Но, покрај сите правни основи, уште една посериозна задача е како стратегиите и законите да се спроведат во пракса. Тоа е главниот предизвик, подвлече министерката.

Се покажа, дополни, дека тешко се спроведува управувањето со отпадот од домаќинства за што се надлежни општините. 

-Задача на локалните самоуправи е да воспостават систем за примарна селекција на отпадот од домаќинствата. Во пракса се покажа дека поради недостиг на средства, а некаде и немање капацитети, овој систем тешко се воспоставува на локално ниво. Воспоставен е само во општина Прилеп каде Општината и Јавното комунално претпријатие со сопствени средства воспоставија примарна селекција, нагласи Шукова кој најави и кампања за подигнување на свеста за важноста од добриот и одржлив систем за управување со отпад. Граѓаните ќе бидат информирани, рече, што значи примарна селекција на отпадот во домовите и каков е регионалниот пристап за управување со отпад.

Шукова се осврна и на заемот од Европската банка за обнова и развој за воспоставување регионален систем за интегрирано управување со отпад во сите плански региони во државата.

- Заемот е наменет за изградба на основната инфраструктура, односно регионалните депонии, претоварни станици, набавка на контејнери и возила, со што ќе се пристапи кон конкретна изградба на неопходната современа инфраструктура и конечното воспоставување на системот за регионално интегрирано управување со отпад како единствена исплатлива опција на национално и локално ниво, нагласи министерката.

Конференцијата „Визии за зелена иднина: Партнерство за циркуларност“ ја организира ЦИВИЛ како дел од големата регионална иницијатива за одбележување на Неделата на циркуларна економија на Западен Балкан, 22-26 мај, под мотото „Партнерство за циркуларност“. Учесници на конференцијата се владини претставници, како и претставници од бизнис секторот, медиумите и граѓанското општество. Предвидени се четири получасовни сесии од кои три се на една тема: „Трансформација на економијата на локално и национално ниво: Стратегии, предизвици и перспективи на циркуларната економија“, „Неделата на циркуларна економија на Западен Балкан - регионални искуства“, „Иновациите во бизнис секторот и циркуларната економија: Позитивни примери за иднината“, а четвртата опфаќа три теми: „Проценка на капацитетите за развој на циркуларната економија во Северна Македонија и регионот на Западен Балкан“, „Медиумите и циркуларната економија“ и „ Влијанието на руската агресија против Украина врз економските трендови и можностите за развој на циркуларната економија“. мч/аа/

фото: МИА 

 

 

 

 

 

 

 

 

Остани поврзан