• вторник, 05 ноември 2024

Конференција на ЕУ за менталното здравје при работа 

Конференција на ЕУ за менталното здравје при работа 

Брисел, 30 јануари 2024 (МИА) - Во организација на белгиското претседателство со ЕУ денеска во Брисел ќе започне дводневна Конференција посветена на менталното здравје во работните средини. 

На конференцијата е најавено учество на потпретседателот на Европската комисија за промоција на европскиот начин на живот Маргаритис Схинас, на еврокомесарите за вработување и социјални права и за здравство и безбедност на храна Николас Шмит и Стела Киријакидес, на министри за здравство и труд од неколку земји членки на ЕУ, експерти за безбедност и здравје при работа, како и на претставници на Европскиот парламент, на Европската агенција за безбедност и здравје при работа (ЕУ-ОСХА), Европска фондација за подобрување на условите за живот и работа (Еурофонд), на Меѓународната организација на трудот (ИЛО) и на социјалните партнери на Унијата. 

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, денеска учесниците ќе се фокусираат на превенција од психосоцијални ризици, стрес и професионално исцрпување на работа.  

Собирот ќе започне со воведни обраќања на Схинас и Киријакидес, кои, според најавите, ќе се фокусираат на севкупниот пристап на Европската Комисија кон менталното здравје. Во работниот дек на Конференцијата ќе се обрати Шмит, кој ќе говори за психосоцијалните ризици на работа.  

Утре, Конференцијата ќе се фокусира на прашања поврзани со создавање на инклузивен пазар на трудот за лицата со ментални нарушувања, како и на интегриран пристап кон менталното здравје на работа. 

Резултатите од едно неодамнешно истражување на Евробарометар покажуваат дека пандемијата на Ковид-19, руската агресија врз Украина и климатските промени имаа негативно влијание врз менталното здравје во Европа.  

Според студија на ЕУ-ОСХА од 2022 година, секој четврти работник во ЕУ тврди дека чувствува стрес поврзан со неговата работа.  

Европската комисија во јуни 2023 година усвои План за сеопфатен пристап кон менталното здравје, кој предвидува 20 иницијативи за чија имплементација се одвоени 1,23 милијарди евра. Во планот се нагласува третирањето на менталното здравје е исто толку важно и сериозно како и физичкото здравје и дека е потребно справување со психосоцијалните ризици на работа. сп/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан