• понеделник, 30 декември 2024

Конституирана Осмата интерпартиска парламентарна група за унапредување на правата на лицата со попреченост

Конституирана Осмата интерпартиска парламентарна група за унапредување на правата на лицата со попреченост

Скопје, 30 октомври 2024 (МИА) - Во македонското Собрание денеска беше конституирана Осмата интерпартиска парламентарна група (ИППГ) за промовирање и унапредување на правата на лицата со попреченост. 

На конститутивнта средба се обратија претседателот на Собранието, Африм Гаши, членовите на досегашните и постојната ИППГ, Никола Мицевски - кој е и нов претседавач на Групата, натаму Јован Митрески и Весна Бендевска, како и Елена Кочоска - претставничка на „ЗЕТА - здружение за попреченост и правда“. Централна тема беа видувањата на процесите во однос на имплементацијата на Конвенцијата за правата на лицата со попреченост, којашто нашата земја ја има ратификувано.

Гаши истакна дека лицата со попреченост се чувствителен, но витален дел од нашето општество.

- Неспорно е дека се соочуваат со различни предизвици и пречки, но убеден сум дека нивниот потенцијал да придонесат во сите сфери на општеството е неограничен. Историски, од Ајнштајн до Хокинг, од Бетовен до Фрида, докажано е што можат да му дадат на светот поединците кои имале попреченост. Во меѓувреме, јас лично имам видено извонреден ентузијазам и посветеност од такви поединци, кои ме убедија дека зборот „попреченост“ не е правилен поим. Попреченоста не ја ограничува ниту нивната визија, ниту нивниот интелект. Затоа, сè што им е потребно, е можноста за да се докажат во одредени области, изјави претседателот на Собранието. 

Тој ја нагласи неопходноста за инклузивен образовен систем и еднакви можности за вработување, почитувајќи ја и вреднувајќи ја различноста.

- Секој има своја улога во ова општество и никој од нас не е ист со другиот. Различноста не е вистинска пречка за ослободување од нашата улога во општеството, ниту пак попреченоста не е вистинско ограничување за откажување од вашите соништа и аспирации. Доволно е да имате храброст и да останете оптимисти, бидејќи како што вели една поука: „Понекогаш токму луѓето во кои никој не верува, се тие кои прават работи што никој не ги замислува“, заклучи Гаши.

Дискутантите се согласија дека властите и институциите мора повеќе да направат за усогласување на законите со Конвенцијата, но и за нивно спроведување.

- Визијата за формирање и постоењето на една ваква група, беше тоа - таа да претставува спрега меѓу организациите на лица со попреченост и власта - гласноговорник што ќе ги артикулира потребите на заедницата со попреченост пред народните избраници, и ќе помогне тие потреби да се вообличат во конкретни законски одредби коишто ќе гарантираат остварување на правата и креирање услови за еднакви можности, изјави Кочоска. 

Мицевски, како претседавач на постојната ИППГ, ја нагласи потребата од поголемо учество на лицата со попреченост во креирањето на политиките, но и од подигање на свеста во општеството за овие теми.

- Мојата визија, како претседавач на Групата, ќе биде воспоставување пракса барем еднаш во месецот да имаме средба со претставници на здруженијата на лицата со попреченост, изјави Мицевски. 

Тој притоа истакна дека „само достапна Македонија е подобра Македонија“, како што гласеше заклучокот во неговото излагање.

Бендевска направи споредба со Сингапур, каде што Конвенцијата за правата на лицата со попреченост сѐ уште не е ратификувана, но „90 отсто од законите коишто ја допираат оваа област веќе се усогласени“ со начелата на Конвенцијата, според пратеничката.

По излагањата на пратениците, се обратија и неколку претставници од лицата со попреченост, кои се согласија со своите претставници во ИППГ, дека носењето и составувањето на законите, и делотворното спроведување потоа, мора да се случува со учество на најзасегнатите - лицата со попреченост.  си/ев/

Фото: МИА

Остани поврзан