Заврши четвртиот летен камп по Вероучение во Бигорскиот скит во Битуше
- Прекрасниот скит во село Битуше, посветен на светите сесловенски просветители и учители, рамноапостолните Кирил и Методиј, деновиве беше место каде што во духот на љубовта, дружбата и радоста се собраа четириесетина деца од целата наша држава.
Дебар, 4 август 2025 (МИА) - Прекрасниот скит во село Битуше, посветен на светите сесловенски просветители и учители, рамноапостолните Кирил и Методиј, деновиве беше место каде што во духот на љубовта, дружбата и радоста се собраа четириесетина деца од целата наша држава.
Меѓу учесниците на овој, четврт летен камп, заедно со своите наставнички и воспитувачки Весна Атанасова и Даниела Талевска, беа и дечињата од воспитно-образовниот центар „Академија Атанасова“ од Битола.
-Нивното присуство го збогати кампот со дополнителна креативна енергија, љубопитност и различни таленти, карактеристични за членовите на овој надалеку познат центар, чие што постоење, мисија и беспрекорна работа се нераскинливо поврзани со стекнувањето на трајно и применливо знаење, преку кое децата се оспособуваат за учење во текот на целиот нивен живот, рече сестра Ефимија.
Додаде дека со помош на наставничките, низ разни активности, предавања, работилници, креативни игри и разговори во прекрасната природа под падините на планината Дешат, децата имаа можност не само да се забавуваат, туку и да откријат многу нови нешта толку потребни за нивниот правилен духовен и социјален развој.
Централна тема на овој четврт летен камп беше темата за благодарноста, а во тоа особено голем придонес даде авторката на едукативната игра „Благодарам“, Ана Псалтирова-Давидовски.
Децата, исто така се запознаа и со основите на актерската школа, а изведоа и краток едукативен перформанс пред присутните на скитскиот амфитеатар. Овој пат таа активност му беше доверена на актерот Кристијан Танчевски, чие што искуство, знаење и пристап беше особено инспиративен за дечињата.
Според сестрата, неизоставни беа и интерактивните предавања по Вероучение, во кои најмладите ја изразуваа својата љубопитност за основите на православната вера и сè што од неа произлегува.
-Бескрајно сме благодарни на сите кои придонесоа во организацијата и реализацијата на кампот – наставниците, воспитувачите, културните работници, теолозите, волонтерите и, секако, најповеќе на родителите кои ни ја доверија грижата за своите деца. Нека насмеаните детски лица, пријателствата и духовните и културни сознанија што тука се стекнаа, бидат утеха за сите нас и надеж за подобра иднина на нашата татковина, нагласува сестра Ефимија.
Во четирите летни кампови во Бигорскиот скит, во долнореканското село Битуше, општина Маврово и Ростуше, престојуваа над 120 деца од сите делови на државава. вт/вј/
Фото: Бигорски манастир