• понеделник, 16 декември 2024

Константинос Мицотакис доби плоштад и биста во град во Албанија

Константинос Мицотакис доби плоштад и биста во град во Албанија

Тирана, 28 октомври 2023 (МИА) - Плоштадот во албанското гратче Дервичан, кај Ѓирокастеро, го носи името на Константинос Мицотакис, првиот премиер на Грција кој го посетил овој дел на југот на Албанија, каде главно е концентрирано грчкото малцинство.

На свеченоста организирана по овој повод, каде беше откриена и неговата биста, жителите ги поздрави албанскиот премиер Еди Рама, но на истата не присиствуваше актуелниот грчки премиер.

-Враќањето на Константинос Мицотакис на овој плоштад денес е вистинско враќање на вистинското место и во вистинско време на вистинскиот човек, за да ја отелотвори со своето вечно присуство овде нераскинливата врска на грчкото малцинство со Грција, која ја врати по долг и болен прекин, со неговото доаѓање тука пред 33 години, изјави Рама.

Тој не можеше да избегне да го спомене отсуството на премиерот на Грција.

-Многу би посакал Киријакос Мицотакис, синот на Константинос, денешниот премиер на Грција и мој драг пријател, да беше овде, но сигурно и тој ќе се врати на овој плоштад, кој го носи името на неговиот татко, рече Рама, кој кусо насобраните граѓани ги поздрави и на грчки јазик.

На церемонијата присуствуваше и грчкиот политичар Димитрис Аврамопулос, близок соработник на поранешниот грчки премиер Мицотакис, кој го придружуваше на првата посета на Албанија пред 33 години.

Апсењето, под обвинение за изборна корупција на Фреди Белери, припадник на грчкото малцинство, два дена пред локалните избори, што се одржаа на 14 мај, на кои тој беше реизбран за градоначалник на албанското приморско гратче Химара, условија заладување во грчко-албанските односи, што уште еднаш се одрази на денот кога Албанија му оддаде почит на поранешниот премиер Костандинос Микотакис.

Грчките власти во континуитет бараат негово ослободување, условувајќи го евроинтегративниот процес на Албанија, но ставот на Рама е дека „тоа е прашање на правосудните органи кои се независни“. вт/мс/

Остани поврзан