• сабота, 17 февруари 2024

Ковачевски: Со Борел сме согласни дека нашата европска интеграција мора да продолжи

Ковачевски: Со Борел сме согласни дека нашата европска интеграција мора да продолжи

Скопје, 29 ноември 2023 (МИА) - Северна Македонија има јасна евроинтеграциска перспектива и како Влада имаме вистинска определба да работиме на воведување на европските стандарди и вредности, посочи вечерва премиерот Димитар Ковачевски на заедничката прес-конференција со потпретседателот на Европската комисија и висок претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика, Жозеп Борел.

Премиерот потенцираше дека на средбата со Борел биле согласни оти нашата европска интеграција мора да продолжи. Како што посочи, тоа е процес кој е почнат и нема да застане се до полноправното членство на Северна Македонија во ЕУ.

Ковачевски појасни оти е горд на нашата улога и конструктивен пристап во текот на претседавањето со Организацијата и се надева дека на Министерскиот совет тука во Скопје ќе бидат донесени важни одлуки за иднината на оваа значајна и најголема Организација во Европа.

-Ние сме Влада за која меѓународната заедница смета дека ја зацврсти демократијата, го зацврсти владеење на правото, постигна напредок во реформата на правосудниот систем и развива цврста пазарна економија, како што всушност доликува на земја која треба да биде дел од големото европско семејство. Тоа е затоа што нашите граѓани заслужуваат подобра, побогата иднина, подобар животен стандард заслужуваат идните генерации да живеат во земја членка на ЕУ, но тоа наместо да биде во некоја друга земја, да биде тука дома, рече Ковачевски.

Во однос на скрининг процесот, премиерот информираше дека имаме квалитенти презентации во сите поглавја, а како што рече, коментарите од страна на Европската Комисија, на Борел, се одлични.

Ковачевски додаде дека Северна Македонија има добар процент на усогласеност со правната рамка и во носењето на законите.

-Извештајот на скрининг процесот ќе ни биде патоказ со кој ќе го зајакнеме фокусот во реформата, во јавната администрација, механизмите за владеење на правото и борбата против корупцијата како и унапредување на пазарното стопанство во државата. Скрининг процесот се одвиваше во предвидено темпо, ја задржавме динамиката во текот на целиот процес и очекуваме да заврши следната недела, рече Ковачевски.

Тој додаде дека како Влада, не дозволиле внатре политичките спорови да ги стават на страна реформите потребни кон приближувањето на стандардите и законите на ЕУ, ниту пак да го отежнат или спречат процесот на скрининг.

-Членството во ЕУ  е нашата цел и ние немаме друга алтернатива. Дали ќе бидеме таму набрзо зависи само од нас, и тоа зависи од сите нас, односно од сите политички партии и политички чинители во оваа земја кои имаат одговорност пред народот да испорачаат резултати на патот кон ЕУ, без изговори, додаде Ковачевски.

Со високиот претставник, како што подвлече, разговарале и за развојниот план на ЕУ за Западен Балкан и се согласиле дека истиот ќе даде нов силен поттик на процесот на евроинтеграции.

Планот, како што рече, бара продолжување на реформските процеси кои се пред нас, за кои имаме и политичка волја и знаење и капацитет да ги исполниме.

-Планот нуди одлични можности за земјите во пристапниот процес и планираме да работиме со цел максимално искористување на средствата кои истиот ги става на располагање кој обезбедува поголема интеграција на регионот, забрзување на реформите и забрзана интеграција на заедничкиот европски пазар пред целосно вклучување во ЕУ, рече Ковачевски.

Тој појасни дека го информирал високиот претставник дека веднаш по формалната презентација на планот, активно работеле на создавање структура за негова имплементација и одржале многу важен координативен состанок со претставници со соседните земји пред две недели тука во Скопје.

-Со членството во ЕУ резултатите ќе бидат уште подобри - дуплирање на бруто домашниот производ, неколку кратно зголемување на стандардот, на платите, зголемување на инвестициите, зголемување на бројот на компании, сето тоа што го гледаме во земји кои  не биле членки на ЕУ  а денес се. Земји кои биле по многу параметри зад нас, а денес се пред нас само заради тоа што се дел од ЕУ и имаат можност да живеат и работат на заедничкиот пазар од половина милијарди луѓе, додаде Ковачевски.

Тој уште еднаш повика стратешката цел, односно членството во големото европско семејство до 2030 година да се стави над секоја партиска или лична цели и во наредниот период да се реализираат сите потребни активности со цел, како што рече, натамошно димензионирање на нашиот процес во интеграција во ЕУ.бт/аа/

Фото/принтскрин

 

Остани поврзан