• недела, 22 декември 2024

Ковачевски: СДСМ спроведе системски мерки за социјална правда и подобар животен стандард

Ковачевски: СДСМ спроведе системски мерки за социјална правда и подобар животен стандард

Скопје, 20 февруари 2024 (МИА) - Приоритетите и политиките кои СДСМ ги креира и имплементира се фокусирани на обезбедување на социјална правда, еднаквост и достоинствено општество за сите наши граѓани, посочи денеска претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски на панел дискусијата во рамките на „Саем на правдата - можности, еднаквост, зајакнување и вработување“ што се одржа во Центарот за социјално претприемништво во Скопје, по повод Меѓународниот ден на социјална правда.

Според Ковачевски, најголемиот чекор кон социјалната правда кој го направи оваа Влада е донесувањето на Социјалната реформа во 2019 година. 

-Направивме реформа во правата од социјална и детска заштита и првпат во јануари лани ги усогласивме издатоците во делот на социјалната заштита со трошоците за живот. Ако ги споредиме со 2016 и 2017 година, денес трошоците од социјална заштита се поголеми за 300 проценти, а само во текот на минатата година беа зголемени за 14,2 проценти, додека оваа година во јануари за 9,3 проценти, изјави Ковачевски по завршување на панел дисксуијата.

Тој посочи дека просечната плата денес изнесува 630 евра. Тоа е, како што рече, за 270 евра повеќе во семејниот буџет во однос на времето од 2016 година.

- Минималната плата со последното усогласување ќе биде над 22.500 денари, а се сеќаваме кога минималната плата беше само осум илјади денари. Ние застанавме на страната на работниците, воспоставивме социјален дијалог со синдикатите и резултатот е зголемена и минимална и просечна плата. Воспоставивме и дијалог со Сојузот на здружение на пензионери, напорно работевме со Министерството за труд и социјална политика, економските ресори и затоа денес имаме 6.400 денари поголема просечна пензија во однос на 2016 година, додаде Ковачевски.

Како што посочи, минималната пензија е за 50 проценти повисока во однос на 2016 година. Напомена дека во текот на четиригодишната криза - здравствена, економска и енергетска, вратиле 2,6 милијарди евра назад кај граѓаните со неколку антикризни пакет мерки.

Дополнителна заменик министерка за труд и социјална политика Јованка Тренчевска по завршување на панел дискусијата денеска посочи дека социјална правда е еднаков пристап на секое дете до училишното образование, но и овозможување на еднаков пристап до пазарот на труд за сите граѓани со фокус на најранливите.

На панел дискусијата, како што рече, зборувале за сето она што во изминатиот период е направено од страна на Министерството за труд и социјална политика.

-Социјална правда е грижа за највозрасните. Социјална правда е воведување на методологија за минимална плата, постојан раст на платите во приватниот и јавниот сектор. Социјална правда е унапредување на правата на лицата со попреченост. Донесовме повеќе права за граѓаните, но и подобри услови за младите, за возрасните, за работниците, додаде Тренчевска.бт/лв/

Фото: СДСМ

Остани поврзан