Ковачевски: За поддршка на домашните инвестиции предвидуваме 180 милиони евра
- Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Димитар Ковачевски денеска на средба со раководството на Стопанската комора на северозападна Македонија, предводено од претседателот на Комората, Менди Ќура разговарал за економските политики коишто се дел од изборната програма на СДСМ и Коалицијата за европска иднина.
Скопје, 2 мај 2024 (МИА) - Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Димитар Ковачевски денеска на средба со раководството на Стопанската комора на северозападна Македонија, предводено од претседателот на Комората, Менди Ќура разговарал за економските политики коишто се дел од изборната програма на СДСМ и Коалицијата за европска иднина.
Ќура по средбата изјави дека верува оти СДСМ повторно ќе има можност по изборите да ја формира идната влада и посочи дека дел од точките во нивната програма како Комора се веќе усогласени и се дел од програмата на партијата, за кои изрази уверување дека ќе се реализираат. Тој при тоа, кажа и дека се подготвени да комуницираат со која било партија која ќе формира влада.
-Ако не се реализира ние сме гласот на стопанството и ќе критикуваме и ќе бараме тие да се спроведат затоа што мислам дека има потреба за порадикални мерки и повеќе комуникација со идната влада, со кои било партии дали се во позиција или опозиција. Ние ќе настојуваме да сме коректни со сите партии и едноствано да го туркаме напред стопанството во Република Македонија, рече Ќура.
Ковачевски го оцени како успешен состанокот со СКСЗМ, со која вели, имаат како и со другите стопански комори, долгогодишна и успешна соработка и ги наведе постигнувањата на Владата за време на неговиот мандат, како и плановите за следниот четиригодишен мандат доколку формираат влада.
- Направивме девет пакети антикризни мерки во кои што секогаш учествуваа и претставниците на стопанските комори, вклучително и Комората на СЗМ. На тој начин успеавме да спасиме 80 000 работни места во 20 000 компании со оваа поддршка. Подоцна продолживме со зголемување на минималната плата за која секогаш имаше поддршка од оваа, но и од другите комори. Со тоа дојде зголемување и на просечната плата. Законот за поддршка на домашните инвестиции кај нас повторно е еден од клучните приоритети. Во текот на изминатите години како Влада имаме обезбедно 100 милиони евра финансиска поддршка за домашните компании бидејќи пред тоа не постоеше. За наредниот четиригодишен мандат ја планираме на 180 милиони евра што ќе отвори нов циклус на инвестиции кај домашните компании. Разговаравме и во делот на обезбедување на дополнителна работна сила бидејќи мора да бидеме свесни дека наследивме невработеност во државата од 25 проценти. Сега веќе е дојдена на 12 проценти, а ја проектираме на 7 проценти до 2028 г. Што значи дека во Македонија посебно во индустријата и во реалниот сектор ќе се јави недостиг на работна сила и ќе мора да се обезбедува од странство на ист начин како што ја обезбедуваат и западноевропските држави, рече Ковачесвки.
На состанокот станало збор и за клучните реформи во државата што се поврзани со евроатлантските интеграции на земјава.
- Ги информиравме јасно дека ние не се откаживаме како партија од интегрирањето во ЕУ согласно со Преговарачкатра рамка која е усвоена. Вицепремиерот Битиќи и потпретседател на СДСМ информирал дека веќе оваа недела ќе биде усвоена реформската агенда која е дел од Планот за забрзан раст на Западен Балкан во кој точно ќе бидат наведени реформите што ќе треба да се прават со цел да се повлекуваат траншите од 0,8 милијарди за Македонија, Тоа ќе бидат реформи во сите области - од економија, јавната администација до правосудството и добросоеседските области, рече претседателот на СДСМ.
Потврди дека дел од она што СКСЗМ го предложиле уште пред изборите до сите партии е веќе имплементирано во програмата на партијата, а се однесува на платите и поддршката на извозот.
-Значи понатамошно зголемување на мининалната и на просечната плата, нова поддршка на индустријата, особено на извозно-ориентираните компании, како и обезбедување доволна сума за капитални инвестици во државата. Ние имаме предвидено 3,5 милијарди евра од кои 2,7 милијарди се за инфраструктурни проекти во државата во наредниот четиригодишен период, посочи Ковачевски.
Било разговарано и за земјоделството, каде во следните четири години, рече Ковачевски, е предвидена поддршка од 1,35 милијарди евра што ќе значи зголемено производство на храна и зголемен извоз на храна и на земјоделски производи. вг/бак/
Фото: МИА