• среда, 29 мај 2024

Ковачевски за МИА: Не сум дојден да убедувам некого за нешто, сите имаат одговорност за одлуките што се носат

Ковачевски за МИА: Не сум дојден да убедувам некого за нешто, сите имаат одговорност за одлуките што се носат

Охрид, 18 март 2023 (МИА) - Јас не сум политичар којшто е дојден да убедува или да разубедува некого за нешто, бидејќи сите треба да имаат јасна визија и одговорност во однос на одлуките коишто треба да се носат, истакнува премиерот Димитар Ковачевски во интервју за МИА, изразувајќи надеж оти и во опозицијата постои демократски капацитет, постојат луѓе коишто веруваат во европската иднина на државата.

- Постојат одлуки коишто се стратешки за државата, коишто сите политички партии треба да ги поддржат. Тоа низ примери на други држави е многу јасно направено во минатото. Еве да го земеме само примерот на Хрватска, или да го земеме примерот на Словенија коишто исто така носеа стратешки одлуки со широк државен консензус којшто не биле дел од дневната политичка дебата којапшто се водела во тие општества и затоа брзо и квалитетно пристапиле кон Европската унија, вели премиерот.

Тој посочува дека уставните измени се процес којшто е пропишан согласно со Закон и Устав во нашата држава и дека сите треба да учествуваат во носењето на овие одлуки, вклучително и опозицијата.

- Во рамки на Министерството за правда е формирана работна грпа за уставни измени во која што ќе учествуваат експерти по уставно право, меѓутоа во која што ќе бидат повикани и експерти од опозициските парcтии да земат учество исто како што на првиот ден од отпочнување на преговорите во првата фаза на скринингот беа повикани претставници од опозицијата да учествуваат во сите работни групи, истакна премиерот Ковачевски.

Фото: МИА

Тој посочува дека не е доволно само декларативно да се поддржува одредена цел, туку треба со чекори, со одлуки, со одлучност да се настапи и да се обезбеди европска иднина за сите наши граѓани.

Како што изјави премиерот Ковачевски, Советот за стабилизација и асоцијација на вчерашниот состанок во Скопје испрати многу јасни пораки за тоа дека нашата држава напредува во процесот на европските интеграции.

- Секако дека секоја држава која што пристапува кон Европската унија на тој пат има обврски коишто треба да ги исполни. Една од обврските која што е пред нас е секако усвојување на уставните амандмани коишто се дел од преговарачката рамка и коишто се само една од одлуките коишто треба да се носат со две третини во Собранието. Пред нас ќе има и други одлуки коишто се носат со две третини во Собранието, а тоа се однесува на реформи во владеење на правото, реформи во владеењето на демократските институции, реформи на јавната администрација, како и Акцискиот план за унапредување на малцинските права коишто и во моментов кај нас е на највисоко можно ниво споредувано со која било друга држава во Европа, рече Ковачевски.

Осврнувајќи се на денешниот дијалог на високо ниво за нормализација на односите меѓу Белград-Приштина, Ковачевски потенцира дека тоа што е  домаќин на ваков собир на е најголема потврда дека Северна Македонија во овој момент е фактор на стабилност на Балканот и тоа го потврдивме преку нашето зачленување во НАТО, преку отворањето на преговорите со Европската унија и преку тоа што нашата држава во веројатно најтешката година за Европа после Втората Светска војна е земја претседавач со ОБСЕ, најголемата регионална безбедносна организација.

Фото: МИА

- Ова претставува голема чест, меѓутоа и одговорност за нашата држава да бидеме домаќини на разговорите коишто се водат меѓу Косово и Србија предводени од премиерот на Косово г. Курти и претседателот на Србија г. Вучиќ, нормално со посредништво на Европска унија и со поддршка на Соединетите Американски Држави. Очекуваме разговорите да се водат во добар во дух и коишто се водат практично за нормализација на односите помеѓу Косово и Србија, а коишто на крајот треба да резултираат со интеграција на целиот регион во Европската унија, рече Ковачевски.

Премиерот Ковачевски во интервјуто за МИА зборуваше и за ефектите од економските мерки кои Владата ги презема за помагање на граѓаните полесно да се справуваат со економската и енергетската криза.

 Премиере, домаќин сте на состанокот Белград-Приштина во рамки на дијалогот за решавање на спорот. Тука се ЕУ и американските олеснувачи и лидерите на Србија и Косово. Го чувствувате ли тоа како привилегија, доверба и од страна на преговарачите, но и од страна на Белград и Приштина?

Ви благодарам за поканата да бидам гостин во вашето интервју. Ова претставува голема чест, меѓутоа и одговорност за нашата држава да бидеме домаќини на разговорите коишто се водат меѓу Косово и Србија предводени од премиерот на Косово г. Курти и претседателот на Србија г. Вучиќ, нормално со посредништво на Европска унија и со поддршка на Соединетите Американски Држави.

Ова е најголема потврда дека Северна Македонија во овој момент е фактор на стабилност на Балканот и тоа го потврдивме преку нашето зачленување во НАТО, преку отворањето на преговорите со Европската унија и преку тоа што нашата држава во веројатно најтешката година за Европа после Втората Светска војна е земја претседавач со ОБСЕ, најголемата регионална безбедносна организација.

Фото: МИА

Ова секако дека е од исклучителна важност на нашата држава со оглед на тоа дека ние сме пример дека низ дијалог и низ дипломатски средства во 21 век треба да се решаваат предизвиците помеѓу соседните држави.

Очекуваме разговорите да се водат во добар во дух и коишто се водат практично за нормализација на односите помеѓу Косово и Србија, а коишто на крајот треба да резултираат со интеграција на целиот регион во Европската унија.

Северна Македонија дефинитивно не е во изолација. Напротив, вчера за првпат во Скопје се одржа состанок на Советот за стабилизација и асоцијација. Пораките од таму сите се оптимистички и во тој процес треба секој да сработи во ЕУ-процесот. Борел потврди дека се помага и во пакетот за економија и енергетика, сега за првпат беше спомнато и во одбраната. Потсети и дека и ние треба да си ги испорачаме обврските. Дали можеме да ги испорачаме?

Најпрвин исто така уште една потврда покрај ова што сме денес домаќини на дијалогот Белград – Приштина и тоа што вчера се одржа состанок на Советот за стабилизација и асоцијација во Скопје, првиот состанок на Советот за стабилизација и асоцијација е одржан пред 22 години во Брисел и за првпат сега после 22 години, после 17 години од чекање на отпочнување на преговори со Европската унија за првпат Советот се одржува во Скопје.

Фото: МИА

Советот испрати многу јасни пораки за тоа дека нашата држава напредува во процесот на европските интеграции. Разговаравме во детали за се она што го направивме во текот на изминатата година. А изминатата година на полето на евроинтеграциите за нас е една од најуспешните. После 17 години чекање успеавме да ги отпочнеме преговорите со Европската унија, да ја одржиме првата Меѓувладина конференција, минатата година го потпишавме во октомври Договорот со ФРОНТЕКС каде што за првпат македонскиот јазик заедно со сите други 24 јазици на Европската унија стои на еден ист договор потпишан помеѓу нашата држава и Европската унија. Го констатиравме напредокот во сите области во коишто се прават реформи, веќе 45 проценти од нашето законодавство е усогласено со законодавството на Европската унија. Го разгледавме Извештајот во однос на скрининг процесот којшто се одвива и за којшто позитивно се изразија сите претставници на Европската унија коишто беа присутни во Скопје, предводени од потпретседателот на Европската комисија. Исто така, беа испратени многу јасни пораки во однос на тоа дека ние имаме јасна преговарачка рамка која што е усвоена од страна на сите 27 земји членки на Европската унија и дека нашите преговори се одвиваат во рамки на таа преговарачка рамка и врз основа на критериумите коишто произлегуваат од критериумите за пристапување кон Европската унија.

Секако дека секоја држава која што пристапува кон Европската унија на тој пат има обврски коишто треба да ги исполни. Една од обврските која што е пред нас е секако усвојување на уставните амандмани коишто се дел од преговарачката рамка и коишто се само една од одлуките коишто треба да се носат со две третини во Собранието. Пред нас ќе има и други одлуки коишто се носат со две третини во Собранието, а тоа се однесува на реформи во владеење на правото, реформи во владеењето на демократските институции, реформи на јавната администрација, како и Акцискиот план за унапредување на малцинските права коишто и во моментов кај нас е на највисоко можно ниво споредувано со која било друга држава во Европа. Сите политички партии, јасно беше кажано, дека треба да ја земат одговорноста која што ја имаат и сите заедно да ги донесеме потребните одлуки со цел државата во 2030 година да стане полноправна членка на Европската унија.

На крајот, очигледно е дека ЕУ не не блокира. Уставните промени се обврска кон ЕУ, а не кон Софија. Како ќе стигнете до двотретинско мнозинство, како ќе ја убедите опозицијата и што доколку не ја убедите?

Фото: МИА

Јас не сум политичар којшто е дојден да убедува или да разубедува некого за нешто. Сите треба да имаат јасна визија и одговорност во однос на одлуките коишто треба да се носат. Постојат одлуки коишто се стратешки за државата, коишто сите политички партии треба да ги поддржат. Тоа низ примери на други држави е многу јасно направено во минатото. Еве да го земеме само примерот на Хрватска, или да го земеме примерот на Словенија коишто исто така носеа стратешки одлуки со широк државен консензус којшто не биле дел од дневната политичка дебата којапшто се водела во тие општества и затоа брзо и квалитетно пристапиле кон Европската унија.

Уставните измени се процес којшто е пропишан согласно со Закон и Устав во нашата држава. Јас веќе повикав пред неколку дена на прес-конференција дека сите треба да учествуваат во носењето на овие одлуки, вклучително и опозицијата. Во рамки на Министерството за правда е формирана работна грпа за уставни измени во која што ќе учествуваат експерти по уставно право, меѓутоа во која што ќе бидат повикани и експерти од опозициските партии да земат учество исто како што на првиот ден од отпочнување на преговорите во првата фаза на скринингот беа повикани претставници од опозицијата да учествуваат во сите работни групи. За жал, тие тогаш тоа го одбија, меѓутоа сметам дека и во опозицијата постои демократски капацитет, постојат луѓе коишто веруваат во европската иднина на државата. Не е доволно само декларативно да се поддржува одредена цел, туку треба со чекори, со одлуки, со одлучност да се настапи и да се обезбеди европска иднина за сите наши граѓани од сегашната и од идните генерации.

Дали мерките коишто ги презема Владата даваат ефект?

Владата уште од почетокот на економската и енергетската криза презеде навремени и сеопфатни мерки во однос на заштитата на стандардот на граѓаните, особено на најранливите категории на граѓани, како и на обезбедување на мерки коишто ја штитат ликвидноста на компаниите. Ние од почетокот на минатата година донесовме мерки во износ од 860 милиони евра коишто според Светска банка се оценети како најголем пакет на антикризни мерки во однос на сите држави во регионот. Со тоа обезбедивме пет пати пониска цена на електрична енергија за сите граѓани, не дозволивме ценовен шок. Исто така, обезбедивме трипати пониска цена на електрична енергија за регулираниот пазар, односно за 73 илјади компании коишто вработуваат 98 проценти од работниците во државата, обезбедивме субвенционирана цена на електрична енергија за прехранбената индустрија во делот на производство на основни прехранбени производи, како и за училиштата со цел одржување на непречена настава и за комуналните претпријатија со цел непречено снабдување со вода во сите општини.

Фото: МИА

Дополнително на тоа системските мерки коишто ги презедовме во текокт на 2022 година овозможија да имаме покачување на минималната плата и оваа година. Минималната плата во моментов е 20.175 денари што ако го споредиме со минималната плата која што беше во времето на претходната влада на ВМРО-ДПМНЕ 8.000 денари е неколкукратно зголемување. Ако порано беа потребни четири и пол минимални плати за задоволување на една потрошувачка кошничка сега се потребни 2,1 минимална плата за задоволување на потребата на една синдикална потрошувачка кошничка за едно четиричлено семејство.

Во делот на пензиите исто така направивме историско зголемување на пензиите. Само последното согласно со новата методологија кое што ќе важи од овој месец е 8,4 проценти зголемување на пензиите. Тоа значи во една календарска година дека пензиите се зголемени за 16 проценти. Со следното зголемување кое што се предвидува во септември оваа година пензиите за овој период ќе пораснат за 25 проценти што никогаш се нема случено во историјата.

Во делот на инвестициите нашата држава минатата година има највисоко ниво на странски директни инвестиции во историјата, над 700 милиони евра странски директни инвестиции.

Фото: МИА

Во делот на инфраструктурата за многу кратко време ќе започне изградбата на најголемиот инвестициски проект Коридорот 8 и Коридорот 10 д со вредност од 1,3 милијарди евра којшто ќе отвори можности за сите наши компании коишто се во делот на грдежништвото да учествуваат во тој голем проект којшто ќе биде изведуван од страна на една од најреномираните светски компании „Бехтел и Енка“ каде што конечно нашата држава ќе има за првпат покрај Коридор 10 и Коридор 8 којшто ќе овозможи излегување и на пристаништето во Драч и на пристаништето во Бургас.

Во полето на енергијата за 50 проценти е зголемено производството на електрична енергија од државните производствени капацитети, сите се во функција и затоа во јануари коишто сите скептици и критичари сметаа дека ќе биде крах на енергетскиот систем во нашата држава ние имавме практично вишоци и извоз на електрична енергија.

Дополнително кризата ја искористивме и како можност за трансформација на енергетскиот систем и само од јануари минатата година до крајот на февруари оваа година, значи во мандатот на оваа Влада, во нашата држава се инсталирани 182 мегавати капацитети за производство на електрична енергија од обновливи извори на енергија.

Она што следува е исто така изградба на гасоводот со Грција со цел да имаме диверзификација и на снабдувањето со енергенси и со тоа да обезбедиме енергетска независност и енергетска транзиција за иднината пред нас.

Фатиме Фазљији

Фото и Видео: Аслан Вишко

Остани поврзан