• сабота, 21 декември 2024

Ковачевски: Дебата се води во институциите, а не на лидерски средби и на ТВ, дуел со Мицкоски ќе има кога ќе дојде време за тоа

Ковачевски: Дебата се води во институциите, а не на лидерски средби и на ТВ, дуел со Мицкоски ќе има кога ќе дојде време за тоа

Скопје, 11 мај 2023 (МИА) - Премиерот Димитар Ковачевски вели дека ќе има дуел со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски кога за тоа ќе дојде време. Како што рече вечерва, расправа се води во институциите, а не на лидерски средби и тв дебати.

Според Ковачевски, единствено што го интересира Мицкоски е блокирање на сите процеси во државата.

Тој уште еднаш ја повика опозицијата да ги откочи процесите кои значат унапредување на земјата и интеграција во ЕУ.

- Дуел ќе има, но кога ќе дојде време за тоа. Ќе имаме избори, дебати,... Има институци во кои треба да се води дебата. Ние не можеме институционалната расправа постојано да ја заменуваме со лидерски средби и тв дебати. Институционални реформи, автопатишта и реформи не се прават на лидерски средби и на телевизиски дебати, туку во Собранието, Владата и во соодветни работни групи. Затоа, ги повикувам уште еднаш претставниците од опозицијата, ако им дозволи Апасиев, да се приклучат кон процесите кои значат унапредување на државата и интеграција во ЕУ, истакна Ковачевски во вечерашното гостување на Канал 5.

Според премиерот, Мицкоски воопшто не бара дебата.

- За најновата тема - договорот за изградбата на коридорите со „Бехтел и Енка“ бараа дебата во Собранието, а две недели не сакаат да закажат комисија, бараа дебата за уставните измени, а не прифатија да бидат дел од Комисијата за уставни измени, имаме тимови за преговори со ЕУ во кои од прв ден ја поканивме опозицијата, но не учествуваат, имавме почеток на преговори со ЕУ, им рековме да учествуваат, одбија, а можеа да ги кажат своите ставови, истакна Ковачевски, додавајќи дека во моментов заради опструкциите има блокирани половина милијарда пари за граѓаните. мч/са/

 

 

Остани поврзан