• понеделник, 29 април 2024

Ковачевски-Вархеји: Северна Македонија треба што поскоро да е дел од ЕУ, процесот на евроинтеграции се очекува да продолжи

Ковачевски-Вархеји: Северна Македонија треба што поскоро да е дел од ЕУ, процесот на евроинтеграции се очекува да продолжи

Тирана, 16 октомври 2023 (МИА) - Северна Македонија, како партнер од доверба и земја која последните шест години направи огромен исчекор во возобновување и развој на демократијата и демократските процеси, треба што поскоро да е дел од Европската Унија. Ова е истакнато на денешната средба на претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски со комесарот за соседска политика и проширување на Европската Унија, Оливер Вархеји во Тирана, Албанија, во рамки на неговото учество на Самитот на лидери на Берлински процес на која е потврдена цврстата поддршка на ЕУ за проширувањето со земји од Западен Балкан.

Како што соопшти владината прес-служба, на средбата на која како дел од владината делегација учествува и вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ, соговорниците размениле мислења и информации за актуелните политички состојби во Република Северна Македонија, поврзани со продолжувањето на европскиот пат на земјата и чекорите и одлуките кои треба да се преземат за да се обезбеди продолжување на евроинтеграциите и конечно полноправното членство на земјата во Европската Унија, а согласно утврдената Преговарачка рамка со ЕУ, се наведува во соопштението.

-На средбата, се дискутираше и за Планот за раст на Европската комисија, кој што е оценет како добра шанса за Северна Македонија и нашите граѓани кои со овој план ќе почувствуваат дел од придобивките од членството во ЕУ уште пред да станеме членка. Како што беше разговарано, со овој план сме поблиску до целта, членство на Северна Македонија во ЕУ до 2030 година, се наведува во соопштението.

На средбата, се посочува, премиерот Ковачевски истакна дека фокусот на Владата е насочен кон перспективата за членство во ЕУ и дека Владата останува посветена на европската агенда, имајќи го предвид фактот дека за членството во ЕУ има висока поддршка од граѓаните. Соговорниците изразија надеж дека сите политички чинители ќе ја имаат предвид неповторливата шанса за придвижување на земјата напред и ќе го исполнат барањето на граѓаните, земјата да стане полноправна членка на ЕУ.

-Премиерот Ковачевски истакна дека процесот на евроинтеграции не треба да се блокира, пред сѐ, имајќи предвид дека тоа е спротивно на волјата на граѓаните, но и поради фактот дека стопирањето на евроинтеграцискиот процес поради неисполнување на обврските од преговарачката рамка, ќе ги закочи и сите процеси на економски и социјален развој неопходни за приближување на македонското општество до европските стандарди на живот, стои во соопштението од владината прес-служба.

За време на Самитот предвидено е премиерот Ковачевски да оствари средби со канцеларот Олаф Шолц, со претседателката на Европската банка за обнова и развој, Одил Рено-Басо и со потпретседателката на Светската Банка за Европа и Азија, Антонела Басани. 

Берлинскиот процес се развива со поддршка на Европската комисија, меѓународните финансиски институции, земјите членки на ЕУ вклучени во процесот – Германија, Франција, Австрија, Бугарија, Хрватска, Италија, Словенија, Грција и Полска, како и Обединетото Кралство, заедно со шесте земји од Западен Балкан. ас/вг/

Фото: Влада на РСМ

 

Остани поврзан