• вторник, 23 јули 2024

„Киро Бурназ“ - Куманово во студиска посета на училишен центар во Словенија

„Киро Бурназ“ - Куманово во студиска посета на училишен центар во Словенија

Куманово, 29 ноември 2023 (МИА) - Претставници од раководниот тим на Државното стручно училиште, регионален центар за стручно образование „Киро Бурназ“, ја завршија студиската посета во Словенија во Нова Горица во рамки на швајцарскиот проект „Образование за вработување Е4Е@mk“, соопштија денеска од регионалниот центар.

Како што информираа надлежните, студиската посета има за цел учесниците преку размена на искуства да се запознаат со добрите практики на училишниот центар, развој на идеи и унапредување на своите вештини.

- Посетата беше во организација на швајцарската агенција за развој и соработка како дел од програмата „Едукација за вработување“. Партнер училиштето, училишниот центар Нова Горица го одбравме самите како резултат на нашите активности за извонредност кои тие веќе го постигнаа, а своевидна потврда на  европската комисија за унапредување на стручното образование во земјите од ЕУ. Откако станавме центар за стручно образование ние сме лидер во реформите во земјава и сите позитивни искуства кои ги овозможува европската тренинг фондација со размена на искуства се од значење за нас за примана на добрите практики во нашава средина, изјави Зоран Апостоловски, раководител на сектор за вмрежување.

Овој центар во Словенија веќе се стекнал со извонредност за што исполнил повеќе критериуми и има дваесетгодишно искуство. „Киро Бурназ“ се стреми да ги задоволи овие критериуми како центар кој нуди современи можности за едукација.

Даниела Митиќ, раководител на бизнис врски од „Киро Бурназ“, кажа дека студиската посета им овозможила практично да се запознаат со словенечкиот регионален центар, да разменат идеи и да ги усовршат нивните вештини.

- Посетивме неколку стручни училишта, образование на возрасни, кабинети, лаборатории, вели Митиќ.

Татјана Митевска, раководител на сектор за образование на возрасни, информираше дека регионалниот центар во Нова Горица има слични профили како и „Киро Бурназ“ што беше и клучно училиштето да стане регионален центар, земјоделско-ветеринарна струка, хемиско технолошката. Клучен момент е и како можноста да се едуцираат и за изработка на настани програми за образованието за возрасни и не само за преквалификација кои се повеќемесечни, туку и за брзи обуки за одредени квалификации, со што учесниците-ученици веднаш се вклучуваат на пазарот на труд

 - Во ова училиште постои и биотехнолошки центар каде се сместени овие две струки, таму увидовме каква опрема користат во кабинетите, училниците, како се организирани насадите, како функционира училишната компанија. Од кај нив се црпи искуство и за организираноста во самото училиште по сектори што е важно за начинот на функционирање и особено за образованието за возрасни, изјави Митевска.

Двата центри потпишаа меморандум за соработка, кој е основа за идни значајни иницијативи, кажа Снежана Глигоријевска, сектор за иновации и наука. Меѓу нив е факторот за постигање на квалитет кој во иднина ќе треба да го исполни центарот од Куманово во однос на формалното и неформалното образование, исполнување на критериуми за зелената транзиција и роботика.

 - Бидејќи сме на прагот на четвртата технолошка ера, вештачката интелигенција и роботика може да се примени и во земјоделството и прехранбената технологија кои се клучни во нашиот центар, изјави Глигоријевска.

Посетата беше организирана како дел од швајцарскиот проект „Образование за вработување“ – E4E@мк. „Киро Бурназ“ ќе ги црпи искуствата од словенечкиот центар за користење европски фондови за едукација за формално и неформално образование. ам/ сан/

 

Фото: МИА

Остани поврзан