• четврток, 20 февруари 2025

Кипар и Египет потпишаа договори во енергетскиот сектор

Кипар и Египет потпишаа договори во енергетскиот сектор

Никозија, 18 февруари 2025 (МИА) – Политичката волја за зајакнување на билатералната соработка во енергетскиот сектор ја потврдиле претседателот на Република Кипар Никос Христодулидис и претседателот на Египет, Абдел Фатах ал-Сиси за време на потпишувањето на Договорот и Меморандум за разбирање за кипарската Ексклузивна економска зона што се однесуваат на експлоатација на наоѓалишта на природен гас, јави дописничката на МИА од Атина.

Двата договори беа потпишани на маргините на енергетскиот самит во Каиро, а целта е дополнително продлабочување на односите меѓу двете земји во енергетскиот сектор.

Поконкретно, Договорот за развој на јаглеводороди во блокот шест на Ексклузивната економска зона на Република Кипар, ја дефинира рамката во која лиценцираниот конзорциум како и Египет како земја домаќин, ќе работат заедно за комерцијализација на наоѓалиштата на природен гас откриени во конкретниот блок.

Меморандумот за разбирање е меѓу Кипар, Египет и носителот на компаниите кои ја имаат лиценцата за развој на полето за природен гас „Афродита“, а се утврдува рамката за ефективна комерцијализација на природниот гас.

- Овие два договори ја сигнализираат решеноста на Република Кипар да промовира одржлива експлоатација на нејините природни ресурси со учество на реномирани меѓународни енергетски партнери, да ја зајакне својата улога како енергетски центар во источниот Медитеран и да обезбеди максимална можна корист за кипарскиот граѓанин, со цел постигнување поконкурентни цени на електрична енергија и заштита на енергетската безбедност на нашата земја, соопштија од секторот за информирање на Кипар.

Како што пишуваат кипарските медиуми, Христодулидис, посочил дека станува збор за „историски ден“, нагласувајќи ја стратешката важност на соработката меѓу Кипар и Египет, додека пак Сиси ја истакнал заедничката волја за понатамошно зајакнување на соработката во корист на двата народи. ср/

Остани поврзан