• недела, 22 декември 2024

Квалитетот на водните еко-системи тема на дискуција на 15. Европски дијатомолошки средби што се одржуваат во Охрид

Квалитетот на водните еко-системи тема на дискуција на 15. Европски дијатомолошки средби што се одржуваат во Охрид

Охрид, 7 мај 2024 (МИА) – Прашања од областа на екологијата на водите, со фокус врз квалитетот на водите, влијанието на климатските промени, антрополошкиот фактор, како и нанотехнологиите и примена на микроскопските организми во изработка на нови материјали и нивна примена во најразлични сфери од интерес се тема на дискусии во рамки на 15. Европски дијатомолошки средби што се одржуваат во Охрид.

Повеќе од 140 експерти од 30 земји од целиот свет наредните два дена ќе зборуваат за микроорганизмите како биолошки показатели за квалитетот на водите и живиот свет во водните еко-системи.

- Сите сознанија за кои тука ќе зборуваме, иако се претежно таксономски, не се специфицирани само на микроорганизмите туку ја покажуваат пошироката слика и укажуваат на важноста од заштита на живеалиштита во кои се развиваат, изјави Марија Глигора Удовиќ, професор на Природнонаучниот факултет во Загреб. 

Таа ја нагласи важноста од грижата за водните еко-системи, а секоја држава мора да има визија за потребата од нивна заштита и јасно зацртани граници за степенот на нивното искористување.

Професорката Јелена Крижмариќ од Биолошкиот факултет во Белград, истакна дека генерално во светот индустријализацијата и развојот негативно влијае врз животната средина, што како последица има засилена еутрификација на водните еко-системи.

- Она што останува на луѓето и на државите е да работат заеднички на заштита на еко-системот. Ние како научници и државните институции мораме да соработуваме во активностите насочени кон заштита на своите води. Секоја од државите поседува механизми, врз основа на одредени закони да работи на одржување на квалитетот на водите, рече таа.

Кога станува збор за Охридското Езеро, науката укажува на засилен антрополошки притисок, односно човековото влијание врз квалитетот на водите во еко-системот.

- Сето тоа предизвикува промени во составот на живот свет на езерото, но она што е подраматично и позагрижувачко е појавата на инвазивни видови во еко-системот, кои се опасност по ендемичните видови. Доколку продолжи сегашното темпо на загрозување на езерото, може да се очекува исчезнување на одредени автохтони видови, изјави Златко Лефков, професор на Институтот за биологија при Природно-математичкиот факултет во Скопје. 

За ендемичниот вид охридска пастрмка, рече дека таа е предаторски вид риба и како таква најголем контролор на популацијата на останатите видови во езерото.

- Нејзиното намалување ќе доведе до експлозија на други видови, што ќе придонесе за појава на друг тип проблеми во самиот еко-систем, вели тој.

Според Лефков, барем засега таквите проблеми не се драматично изразени, но секако треба да се води сметка во иднина имајќи ги предвид промените во климатските услови. 

Лефков посочи дека проблемот со негрижата за езерото не е денешен тој влече корени децении наназад, но како најизразени влијанија на човекот врз Охридското Езеро тој ги посочи неконролираната урбанизација и како клучно - отсуство на правилен менаџмент на отпадните води. Палењето на трската, како што рече, доведува до збогатување на еко-системот со органски материи, што потоа доведува до синџиреста реакција со негативни промени во системот. аб/дма/

Фото: МИА

 

 

Остани поврзан